Џакомо Леопарди – поет и писател кој извршил големо влијание врз развојот на италијанската поезија

Џакомо Леопарди (Реканати, 29 јуни 1798 – Неапол, 14 јуни 1837) – италијански поет и писател. Неговата поезија е израз на неговиот песимистички став кон човековото битисување. Во стих и проза, тој создал „силен“ јазичен израз. Главни негови дела се „Песни“ и „Дијалози и есеи“.

Животопис

Џакомо Леопарди е роден на 29 јуни 1789 година, во Реканати, во областа Марка д’Анкона, како прв син на грофот Моналдо и Аделаида Античи. Татко му поседувал определена култура, но им робувал на догматизмот и на предрасудите. Во раната младост ниту Џакомо не можел да се ослободи од некои реакционерни сфаќања кои ги наследил од својот татко. Уште на возраст од десет години, Леопарди го започнал своето „лудачко и очајничко учење“ во татковата библиотека.

До неговата 14. година негов учител бил езуитот Санкини. Леопарди веќе претходно го надминал со знаењето и со ерудицијата, така што неговиот учител имал само формална улога во образованието на Леопарди. Својата страст кон учењето и читањето Леопарди ја опеал во својата песна „На Силвија“, во која вели: „работата на перото и милото четиво, кои го трошеа најдобриот дел од моите младешки денови“.

Нарушувања во здравјето

Прекумерното читање предизвикало сериозни нарушувања во неговиот организам, што предизвикало подоцна да се разболи од сколиоза, а кревкото здравје во голема мера влијаело врз формирањето на неговите песимистички погледи.

Многу брзо, животот во провинциското место Реканати почнал да го ограничува Леопарди, кој настојувал да се ослободи од мачниот провинциски живот. Според неговото сопствено признание, тој бил многу несреќен, а тоа го опишува во песната „Спомени“ во која вели: „Нити срцето ми знаеше дека ќе бидам осуден овде да го трошам младото доба во родниот, див град, меѓу народот прост… кому често… науката и знаењето му служат за смеа и за шега“, а како последица на тоа, „во овој свет нечовечки, со болка, сув живот…овде станувам презирач на луѓето, поради стоката што е околу мене“.

Неговата голема, невозвратена љубов

Дури во 1822 година, тој успеал да се оттргне од Реканати, посетувајќи го Рим, како гостин на вујко му Карло Античи. Од престојот во Реканати треба да се одбележи големата љубов на Леопарди – Тереза Фаторини, ќерката на кочијашот на семејството Леопарди. Оваа љубов ја опишува во песната „На Силвија“, пеејќи: „… од балконот на татковата куќа, го прислушкував звукот на твоето пеење…“.

Во периодот од 1823 до 1828 година, Леопарди често патувал во Болоња, Милано, Фиренца и Пиза. Во април 1830 година, тој конечно го напуштил Реканати. По подолг престој во Фиренца и во Рим, конечно се населил во Неапол, каде живеел во куќата на пријателот Антонио Раниери. Во тоа време, неговото здравје се влошило, а тој бил несреќно вљубен во убавата Фани Тарџони-Тоцети. Леопарди умрел на 14 јуни 1837 година, во Неапол, во куќата на Антонио Раниери.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!