Две песни од Александра Стојановиќ

Ѕвездено небо

По лицето солза врела
и оваа ноќ се слева,
молкум шепоти,
трепери исплашена,
во притаено мачнина.
Ѕвездите сјаат,
повторно приказни
за добра ноќ ткаат.
Се сеќавам јас
на бунарот стар,
каде што ѕвездите
ги броевме во пар.
За месечината
песна одекнуваше,
твојот глас
мојата душа ја смируваше.
Те барам сега,
низ небото ширно,
низ ѕвездената кола,
да ме прегрнеш милно.
Твоите раце, низ мојата коса
“внучке моја” – проговори,
те молам на моите желби
ти одговори,
насмеј се само
да знам дека си тука,
да ја спуштам главата на твоето рамо,
вечно да почивам таму.

Белег

Низ прашина пловат
чувствата стари,
низ римите се борат
да опстанат.
Чашата ќе остане празна
додека виното
се точи и во новата рана.
Другарувам со старата песна
и оваа ноќ летна,
од зборови градам
свет од спомени,
запишани на стеблото
со цврсти корени
притаени за срцето.
Каква ли замка повторно
приредува оваа душа,
останува телото
мирно, на брегот
да следи и слуша,
но белегот од рана,
засекогаш останува запишана.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?