„Што ако луѓето можеа да летаат?“, се прашувам во себе. Од прозорот посматрам две птици на гранката од едно раскошно дрво. За миг го тргнав погледот и пак го насочив таму, а птиците ги снема. Одлетале во нови висини, каде по пат можеби ќе слетаат повторно на некоја друга гранка. Тогаш можеби некој друг ќе ги забележи. И додека да трепне тие пак ќе ги рашират крилјата во нов лет. Непостојаност, неизвесност, неограничена слобода, симбол за мир, летање, висини, небо, далечини. Сите овие именки, глаголи и придавки ме потсетуваат на птицa. Се потсетувам на приказната за Силјан Штркот, а потоа и за митот за Дедал и Икар. Што ли ќе беше ако ние луѓето имавме крилја и ќе им бевме рамни на птиците?
Ќе имаше ли поинаков воздушен сообраќај и дали ќе постоеа авионите? Самата замисла дека небото немаше да биде слободно и недостижно за обичните смртници на земјата ми дава спокој. Замислете си седиш и уживаш во опуштена атмосфера во сопствениот двор и одеднаш над тебе на некои педесет метри висина прелетуваат луѓе. Или пак само што ќе го дигнеш погледот горе, гледаш човечки фигури во хоризонтална положба како пловат по облаците. Да им ги оставиме овие сценарија само на филмските јунаци и на хероите. И на птиците секако. Ние луѓето на Земјата имаме доволно супермоќи. Јунаштва безброј во кои не се вклучени подвизи со крилја и слободно летање. Има луѓе кои посакуваат да можеа да летаат, дури и да не го признаат тоа. Постојат алтернативни начини за да ја почувстуваат сензацијата на повеќе начини. Скокање од падобран пример или спуштање со јаже од голема висина.
Но има и такви кои имаат фобија од височини. Да имаа крилја најверојатно овој страв немаше ни да постои. Покрај тоа, соновите во кои се лета се едни од најчестите кои модерниот човек ги сонува. Нели е интересен феномен самото сонување? Мозочна (умствена активност) што им се случува на сите која научниците со години ја истражуваат и пак не можат да откријат сѐ. Да можеа да летаат луѓето немаше да се почувстуваат слободни, ниту ќе беа еднакви на птиците. Слободата не се состои толку во неограниченото движење колку во менталната состојба. Џабе и имањето крилја, ако не ти се лета. Умот е најсилното нешто што човекот го поседува. Не оружјето. Не е мускулната сила најважна, туку силата на мозокот. Потпрете се на својот ум, а не на мускулите. До следно!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.