Бесмислена

Си оди денот ко да не бил.
Вчера имав дваесет,
Утре четириесет,
Чука часовникот: седум и педесет,
Вибрира низ дваесет и едниот грам,
Го носи прашањето вечно – човечко:
Ако умрам, ќе умрам ли сам?
Не знам – ниту за тоа зборувам,
Престанав веќе и за тоа да сонувам,
Што ќе ми е младост и години?
Што ќе ми се празни зборови?
Од тага дадени бакнежи?
Од камен изградени околу срце ѕидови?
Што ќе ми е штом си оди живот ко да не бил,
Штом се трга младост ко мачка заситена,
Штом не гледам веќе кој е до мене низ среќа
туку низ сита и решета.
Си оди денот ко да не бил.
Вчера имав дваесет,
Утре четириесет.
Си оди денот ко да не бил.
Вчера бев дома,
Утре сум на улица,
На истата ивица
кај што во ѕидини ја заѕидав
и ја оставив љубовта.

 

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?