Размена на книги и книжевни муабети, книжевната група која брои над 27.000 членови, вљубеници во книгите пред сѐ, денес слави 6 години постоење. Тимот на блог „Крајбрежје“ им го честита роденденот и им посакува уште многу разменети книги, квалитетни дискусии, организирани настани, поетски читања, дарувања, дружби со писатели и уште многу нови создадени пријателства.
Во продолжение ја пренесуваме изјавата од Наде, основачот на групата и еден од админите на оваа група. Да не беше таа, групата можеби немаше да постои и немаше да биде ваква каква што е.
Статусот: „Пред точно 6 години на денешен ден си стоев пред полицата со книги и се прашував како да дојдам до нови без да трошам пари. Идејата за бесплатна размена на книги е успешна практика на светско ниво и ми текна дека и тука може да се спроведе, а фб е најлесниот начин. И така почна приказната, со едно Create gruop
Во минатите 6 години групата “Размена на книги и книжевни муабети” стана втор дом за огромен број читатели. Освен за размена на книги, со која цел организиравме преку 50 настани низ Македонија, љубителите на книги овде ги водеа најдобрите книжевни муабети, овде се изродија куп пријателства кои ќе траат вечно.
Нема да бидам скромна и ќе кажам дека оваа наша и сите останати читателски групи ја изместија вредноста и значењето на книгата во Македонија за многу скалила нагоре и дека да, се формира прекрасно книжевно семејство каде сите сме добредојдени и каде сме меѓу свои. И да, сакам кога идеите стануваат реалност и за тоа ви благодарам на сите “, напиша Наде во објавата во групата.
Ви благодариме и вам за сите активности што ги правите во рамките на ова многубројно фејсбук “книжевно катче“ и продолжете да нижите успеси. Среќен шестти роденден!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.