Од лоша фамилија

Чудни ми се прашањата
„Ти, чупе, чија си?“
„Девојче, од кого си?“
Оти мислев дека умрело тоа време
кога луѓето прашуваа од кого си,
оти и самите луѓе рекле:
„Роди ме мори мајко со среќа,
па фрли ме на буниште.“
Оти ич не е важно од кого си,
ич не е важно чии си,
ако душата ти е за никаде.
Ако немаш искри во очите,
ако немаш страст за животот,
ако не си успеал да насмееш некое детенце,
ако не си му подал рака на пријателот
кога му било најтешко,
ако не им мамиш насмевка на случајните минувачи
со својата насмевка и енергија
ич не е важно чии си,
ич не е важно од каде си.
Оти знам деца од “лоши фамилии“
што илјада пати подобри испаднале од оние совршените,
од оние што не сакаат капка да им капне ни на името,
ни на презимето,
од оние што на славата на предците се крепат.
Оти нема човек што не грешел.
Ама има луѓе ко темни облаци,
модри, тмурни, стравови полни.
И има луѓе ко сонца,
па те осветлуваат, те огреваат, те стоплуваат.
Ако можеш да избираш,
избери да бидеш од вторите.
Ама човек со ѕвезда се раѓа
исто ко што се раѓа во “убава“ или “лоша“ фамилија.
Затоа, кога пак ќе ве прашаат од кого сте,
речете им „Од лоша фамилија сум.“,
па нека се чудат од кај ви е сонцето во градите,
од кај ви е ѕвездата на челото.
Оставете ги.
Нека се чудат.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?