Адам – Драган Атанасов

Се смее само за да ги покаже белите заби
Не му е до смеење.
Без трошка срам зборува гласно
Поради стравот што некој вруток
Секое утро го напојува со бистра планинска вода
Му дава живот на тој нечестив оган за душата да му ја пара
Само штом очи ќе отвори.
Деновите ги гризе како кисел леб
За да му го држи ликот строг
За да му даваат сила да се бори со себе.
Се клешти на туѓиот тремор за да знаат сите
Дека има и потажни луѓе на светов
А кога за миг ќе му блеснат очите во љубов
Ги затвара за среќата да не му навира солзи
Ниту небото да не ја виде бедотијата.
Плачот му се слуша само кога си ги искупува гревовите
Крвта му врие од страсти
Само кога месечината ја осветлува голата Венера
Сонува ист сон секоја вечер
Дека бил прв на светов
Дека се родил безброј пати
Не знаејќи дека ќе биде и последен.
Тагува само кога срцето му чука бавно
Живее само поради стравот од смртта.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?