Во спомен на мојот херој – мојот дедо – Александра Стојановиќ

Тој насмеан чекореше по тесната камена патека, а околу неа разнобојни цвеќиња. Прeкрасна глетка зар не? Јас милувајќи ги цвеќињата и седејќи во скутот на дедо се чувствував безбедно. Но набрзо се случи нешто многу интересно. Тој полека ме оттргна од неговите колена, цврсто ме држеше со неговите раце, а јас за прв пат, чекор по чекор со негова помош се движев по патеката.

Дедо можеби не беше свесен дека покрај учењето на чекорење по тој тесен пат, ме научи и на чекорење по трнливиот пат наречен живот. Неговите раце се одделија од моите мали прстиња, а за мене тоа претставуваше огромен страв, бидејќи тој беше мојата потпора. Гледајќи ја неговата насмевка, чекор по чекор се враќав на местото каде што припаѓам. Пристигнав во неговите раце, неговата прегратка.

Го засакав селото, зеленилото, таа прекрасна миризба… Сѐ уште бев многу мала и не знаев дека еден ден селото, ќе биде моето омилено место.

***

Покрај авантурите со моите први чекорчиња, со себе носам безброј спомени. Секоја година, ние одевме во село. Тивко и мирно место исполнето со драги лица. Секоја година како да ми беше прва, се повеќе се воодушевував од прекрасната глетка. По едночасовното патување, на портата од нашата куќа нѐ пречекуваа насмеаните лица на баба и дедо. Морам да признаам, со мал адреналин ја преминувавме чистата, како капка река, секако не знаејќи дека вредните раце на дедо веќе направиле безбеден премин.

Секако по излегувањето од колата следуваше искрената, полна со љубов прегратка. Така секоја година нѐ пречекуваше по некое ново изненадување. Дедо непрестано работеше, а ние се восхитувавме на неговата упорност. Секое утро како аларм, ме будеше милозвучното пеење на птиците. Поспана, не знаев каде се наоѓам, но кога ќе погледнев низ прозорецот, од мојата душа како извор, течеше спокој.

Облекував потопла облека и бев спремна за нов ден. Мирисот на доручекот на баба, се чуствуваше дури и до сред село. Веднаш знаев дека тоа се нејзините прочуени мекици.  По неколку минути на капијата се појави дедо, во едната рака свежо шише млеко, а во другата кофа полна сирење. Очите му светкаа од радост и за него тоа не претставуваше тешкотија, бидејќи неговите внучиња беа покрај него. Неговите вредни раце никогаш не престануваа да работат.

Еднаш, заедно го изнесувавме песокот од дворот. Тој до врвот ја полнеше количката, а јас сакајќи да му помогнам ја истоварав близу реката. По ручекот, доаѓаше времето за прошетка на лозјето. Мојот дедо, покрај тоа што го красеше работливоста, насмевката и добрината, го красеше и храброста. Тој секогаш прв одеше низ зелената шума и ни го покажуваше патот.

Следеше неговиот кус час по географија: “Бујанивац, Врање и Лопардинце” – велеше тој. Од него научив многу работи за мајката природа. Изморени од прошетката ние (неговите внучиња) и дедо седнувавме на лулашката, која што тој самиот ја направи. Тој од среќа секогаш си потпевнуваше: “Месечина, месечина…”, а ние го надополнувавме.

Пеејќи ја песната, месечината го осветлуваше нашиот двор. На крајот одевме крај бунарот и дедо ни раскажуваше за ѕвездата Северница. Детството, летото и природата ме потсеќаат на него, мојот херој-мојот дедо.

***

Одминуваа денови, месеци, години, но тие спомени останаа длабоко закопани во моето срце.

***

Напишано на 22.08.2020 во 22:30, времето кога дедо храбро се борел да остане на овој свет. Иако јас не знаев за тие моменти, како неговата душа да се всели во мојата, срцето само твореше на овој бел лист хартија.

***

Се сеќавам на погребот некој ми проговори: “Ти го имаше најдобриот дедо”. Од солзите, ми беше заматен ликот, не видов кој го кажа тоа, но беше во право. Уште како мала јас ги изговарав тие зборови, посакував секое дете да има таков дедо, супер дедо. Бесконечната љубов која што тој ми ја даруваше, беше толку чиста и кротка. Во моето срце е исцртан мозаик од спомени, непроценливо драги за мене.

Сакам да те прегрнам, но не можам. Не успеав да ти се заблагодарам, не знаев дека толку брзо ќе настапи крајот, не сакав да верувам. Живеев и ќе живеам со таа ведрина која ти ја поседуваше, огромна надеж. Погледнувам кон небото, кон ѕвездите, ти испраќам безброј молитви, прегратки и насмевки.

Да насмевки, иако очите ја осликуваат мојата душа полна со болка, морам да се насмевнам, бидејќи ти секогаш сакаше да ме гледаш насмеана. Велеше дека тоа е лек за твојата душа. Се смеев и во последните денови, иако многу се плашев, пред тебе бев полна со надеж, сакав да те излекувам, но не успеав.

Александра Стојановиќ

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!