Skip to content

Јазикот на душата

Во сопствената тишина
го пронајдов премолчениот спокој,
во темнината на болката
пронајдов зрнца светлина
па ги засадив во душа
за да пуштат корени.

Казни ја буката со молк,
ослободи ги мислите
пушти нека течат,
како реки што се влеваат
во азурните мориња.

Слушај го јазикот
што душата го зборува,
со букви навезени од емоции
и солзи ројни таговници
и солзи бројни радосници.
Ќе ти каже сѐ што треба да знаеш и чуеш
шепотејќи тивко,
а некогаш врескајќи гласно.

Слушај го јазикот на својата душа,
не зборува таа залудно.

Напишете коментар