Skip to content

Наша должност не е да исполнуваме нечии очекувања

Колку пати сте ја слушнале реченицата која започнува со „Од тебе очекувам да…“. Или „Не го очекував ова од тебе.“. Или уште полоша варијанта „Ме разочара.“. Во општеството постои едно непишано правило. На секој човек, уште од раѓање, му се доделува одредена улога.

Се раѓаш како нечие дете, тоа е твоја улога. Од тебе се очекува улогата да ја изиграш добро. Само додека си дете, сите околу ти помагаат да се снајдеш во улогата. Те запознаваат со нормите и стандардите кои ти наметнува општеството. Те запознаваат со улогите на другите луѓе.

Полека растиш. Добиваш разни улоги. Стануваш нечие другарче. Стануваш ученик. Некои улоги сам си ги избираш, членувајќи во некои секции, пеејќи во хор и слично. Растиш уште повеќе. Стануваш тинејџер и почнуваш да ја сфаќаш бесмилненоста на улогите што на луѓето им се наметнати од општеството. Стануваш бунтовник. И тоа е улога. Стануваш нечиј симпатија. Улога. Растиш уште повеќе. Се вработуваш. Добиваш улога на работник. Наоѓаш партнер.

Ги прифаќаш улогите што ти ги доделуваат другите. Замира во тебе бунтовниот дух. Замираш во доцните дваесетти години. Прифаќаш. Оти така треба да биде. Така прават сите. Оти ти е време. Ама за што ти е време? Веќе ни сам не разбираш. Но штом другите велат дека ти е време, време ти е. Постари се. Поискусни. Мислат дека знаат сè, заборавајќи дека само ти и единствено ти живееш во своја кожа и имаш право сам да го креираш својот лик. Имаш право сам да си ги избереш улогите што ќе ги играш.

Се растргуваш. Даваш сè од себе за совршено да ги изиграш улогите. Да бидеш прекрасно дете. Да бидеш добар партнер. Да бидеш вреден работник. Да бидеш верен пријател. Растрчуваш само за убаво да ја изиграш улогата што ти ја наметнале другите. Затоа што така треба. Време ти е. Така сите прават. Заспиваш уморен. Се будиш уморен. Забележуваш дека немаш веќе волја. Не ти тече врела крв низ вените. Ама продолжуваш. Така прават сите. Скоро и да забораваш на улогите што си си ветил дека ќе ги изиграш одамна, кога си бил дете. И тонеш во некое сивило, а сите мислат дека ти е убаво. Оти ти се совршено дете. Ти си добар партнер. Ти си прекрасен работник и верен пријател. Времето минува. Едноставно те гази.

Едно утро, во своите доцни четириесетти години, се будиш, се погледнуваш во огледалото и сфаќаш дека тоа не е човекот кој го познаваш. Барем не е човекот кој веруваше дека ќе бидеш одамна, кога имаше осумнаесет или дваесет години. И се обидуваш да разбереш каде си грешел. Не можеш да си најдеш ниту една забелешка.

Оти сè си направи во свое време. Оти ти беше времето. Оти така сите правеа. И посакуваш да може да го вратиш времето. Одново да изиграш некои улоги. На некои сценарија да им го ставиш крајот. Да создадеш нови приказни. Нови улоги. И пак онаа иста кочница од останатите. Сега си престар. Сега не е време за тоа. Сега не е време за нови почетоци. Оти тие околу ти наметнуваат други улоги. Нови. Непознати. Улоги кои можеби не ни сакаш да ги играш.

Сакале ние или не, од секоја наша улога луѓето очекуваат нешто. На нас останува тоа дали ќе живееме за да ги исполниме туѓите очекувања или за да имаме исполнет живот. Ниту еден околу не знае кога ви е време за нешто. Никој. Освен вие самите. Оти само вие секојдневно ја водите борбата со себе и во сопствена кожа. Ниту еден друг.

Само вие, на единствен начин ја доживувате секоја улога различно. Со различни гледишта. Со различни емоции. Ако сакате вечерва да имате улога на пијан младич, одете и уживајте. За миг заборавете ги другите улоги. Ако сакате да сте распеаната девојка во дискотеката, одете. Играјте. Пејте. Полудете. Заборавете ги сите останати улоги.

Единствено треба да сте посветени на себе. Оти најважна улога во животот е да бидете вистинското „јас“. Без лажни насмевки. Без шарени кулиси зад кои се игра најтажната претстава. Не сте должни да исполнувате ничии очекувања. Ваша единствена должност е да бидете среќни. Оти само вие и единствено вие знаете кога сте спремни на нова живнотна улога. И ниту еден друг. 

Напишете коментар