Гулаб ко светиот дух ти стои на рамењата,
И твојата ќе биде моја религија,
И твојот народ ќе биде мој народ,
И твојата радост ќе биде моја радост,
И твојот Бог ќе биде мојот Бог,
И твојата душа мое Евангелие,
И твоето небо мојот дом,
Твоето име молитва на усните.
Кај одиш ти таму и јас,
Кај заспиваш – таму сонувам,
Кај те нема – таму умирам.
И ако Еден е без тебе
не ќе треба огнен меч да ме истера,
Сама ќе се спакувам
и ќе тргнам тебе да те пронајдам.
Нека зборат за гревови,
Нека срдат на нас Богови,
Нека нè плукаат сите религиски текстови,
Јас и ти?
Ќе ги земеме Сонцето и Месечината за кумови,
Ѕвездите за сватови,
Ветрот и Дождот за свирачи,
Ќе најдеме ние илјада начини,
Дур не разберат сите дека од сите Сили сме благословени,
Зошто нема сила човечка што може да ја растрга
љубовта почиста и од душата.
Крени глава, погледни ме,
Извиј раце прегрни ме,
Земи име – именувај ме,
Во чест на минатото бакнувај ме.
И љубов, радувај се;
Нема од нас посреќни,
Нема од нас повечни
во овој и сите други светови.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.