Skip to content

Рашела

“Рашела…” Извикуваше рапавиот глас на старецот одвреме – навреме. Очите му беа далечни, нефокусирани. Гледаа работи кои ниеден смртник не смееше да ги види. Понекогаш посакуваше да стане од количката и да слезе долу до плажата, да му се приближи на океанот и повторно да се осети жив. Ама старецот веќе долго време не се помрднуваше од местото на балконот, ниту па зборуваше многу. Внуци и синови доаѓаа, го молеа да ги погледне, да ги прегрне, ама тој ко проколнат не ги тргаше од океанот очите.

Понекогаш ќе ги затвореше и за миг помислуваше дека во далечината може повторно да ги чуе звуците на старото пиано и да ја види неговата Рашела како грациозно го свири “Питачот”. Aма штом дојдеше таа слика за миг и исчезнуваше, а тој остануваше со нејзиното име во устата што како крв од премногу гризење протекуваше и оставаше вкус на за’рѓано железо. “Рашела…Рашела…Рашела” Викаше, шепотеше, молеше, проколнуваше и сите сестри и доктори, болничари и чистачи што доаѓаа во собата не можеа, а да не се сожалат над неговата судбина. Сите, уште на почетокот разбраа за Рашела, но не ја знаеја нејзината приказна. Не знаеја колку старецот навистина жалеше, колку патеше, колку посакуваше времето да се врати назад, па да постапи поинаку и да ја затвори таа дупка во градите што му зјаеше ко јама низ која, некогаш одамна, душата побегнала.

Рашела, која ли е Рашела? Се прашуваа и дента кога по долго време дојдоа синовите на посета, со нив имаа и една стара излитена фотографија, на фотографијата – млада девојка.
“Рашела,” рече најстариот од синовите. “Првата и последна љубов на татко ми”, се насмевна тажно. “Мајка ми. Мајка ми Рашела, родена како Рајна, насила од нас одвоена. Од татко ѝ’ – дедо ми замонашена и в манастир испратена. Татко ми Евреин, таа Православна – за него бегалка.”

Наеднаш приказната почна да се склопува. Рашела побегната, па вратена – со солзи во очите замонашена уште ко млада девојка. Деца посвоени – во нејзино име – со нејзино име од љубов пораснати.
A каде ли е сега? На другата страна од велот на светот, тој што ветил дека со нејзино име ќе умре на усните, го чека.

“Рашела…Рашела… “ Плаче старецот бакнувајќи ја фотографијата…“Рашела…Рашела…Рашела…” Шепоти тивко испуштајќи ја душата над неа, оставајќи ги синовите, лекарите и сестрите, болничарите и чистачите да ронат солзи во вечна тишина низ чии нитки се ткае тоа едно единствено име на млада девојка, убиена од верата на погрешен начин толкувана. “Рашела…”

Прочитајте го и расказот “Сини очи”.

Напишете коментар