Skip to content

Тишината ќе каже – Јелена Ѓиноска

  • by

Постои еден вид на тишина за која што се молчи најмногу
Дури и самата тишина ја проколнуваш да не изговори ништо
Да ги закопа сите тајни во некоја бездна без дно и отвор
Да ги сокрие и да не остане ништо што ветрот би го однел
Зошто така ќе слушнат многу
Така ќе знаат

А тие зборови што ќе успеат да избегаат нека ги оддалечи,
по еден збор на една страна за никогаш да не формираат реченица
Никогаш да не кажат
Нивната тежина да не се почуствува врз градите на еден кроток човек
Додека силното ѕвоно удира без престан прекинувајќи ја
Навестувајќи на крај
Срцето има свои механизми да се заштити
Да избега прво како најголема кукавица
Оставајќи ги зборовите на тишината да ги проголта
Само крикот како ехо да се слушне
Кога пука е тивко се дур не вресне
Додека мозокот се бори со реалноста и фикцијата
Додека целата празнина излегува на површина,
а отсуноста на мојот глас нека ја надомести гласната музика

Мене одамна ми е тивко
Одамна не допираат гласовите до мене
А моите одамна ги закопувам на исто место
и ја молам тишината да ги сочува
Зошто ако зборам знам оган ќе излезе
и целиот отров ќе го плукнам пред неговите нозе
Ќе ја види целата црнила како излегува
со која ме хранел со години и празнината конечно ќе добие лик
За тогаш да знае
Да види
Да чуе
Та како несигурен гостин
во неговото срце одам како на лушпи од јајца

Полека на прсти се протнувам во секоја пора
и јасно гледам сѐ она што зборовите го скриле
Гледам низ скриениот превез на измамата
Затоа што решив да отворам очи
Силен потсетник од минатото ме враќа назад,
длабоко сеќавајќи се дека веќе еднаш по овој пат одев
и точно знам каде настанува стеснување на патот,
каде има кривина и каде има трња

А сепак повторно сум овде, на самиот почеток,
повторно го одам истиот пат како да е првпат, а не е
Вистината секогаш се исправа гордо
како бледа фигура за да ни удри силен шамар
Вистината е таа дека поради неа сум и повторно на овој пат,
но сега на прав
Затоа што знам, го одев овој пат и ќе го одам повторно
До ридот каде што тишината нема да зборува.

Јелена Ѓиноска

Напишете коментар