Skip to content

Ништо и никој си ти!

Не ти пишувам веќе стихови,
ниту текстови,
ниту писма.
Ништо веќе не ти пишувам.
Ништо!
Оти ти си едно големо ништо.
Ништо и никој си ти!
Ти си она ништо
кога ќе ме прашаат што ми е.
Ти си оној никој
кога ќе ме прашаат за кого ми се песните.
Ти си кошмар,
што сите посакуваат да го заборават.
Сон недосонуван си
од кој не сакам да се разбудам.
Одговор на секое мое прашање си,
оти јас само со никој и ништо одговарам.
Ти си моето „не“
што значи „да“.
Ти си моето „Немој! Престани!“
што значи „Аман, продолжи! Не престанувај!“.
Дури и секому да кажам
дека ништо и никој си,
јас само себеси се лажам.
Оти длабоко во себе, знам.
Ти си ми огледало.
Не оти си ист ко јас,
бетер си!
Јас единствено во тебе се огледав.

Напишете коментар