Skip to content

Оплескувам кога ќе се заљубам

„Меѓу нас сè ќе беше многу поинаку.“ му шепна додека во рацете ја нишаше кристалната чаша полна со водка – мартини и неколку коцки мраз. „Сè ќе беше совршено, идеално. Исто онака како што ти опишував во писмата што ти ги напишав.“ Тој ја гледаше зачудено. Не сфаќаше зошто не им одеше. Во писмата, таа беше жена каква што секој би посакал крај себе. Во реалноста, таа беше наивно девојче, чии колена се отсекуваа секогаш кога погледите ќе им се сретнеа. Тој молчеше. Забележа дека дланката, во која ја држи чашата полна алкохол ѝ трепери.

Без многу да размислува, девојката ја накрена чашата. Алкохолот ѝ минуваше низ грло. Ја испи на екс и продолжи да зборува. „Ама не испадна така. Види ме.“ Таа почна да се кикоти, како алкохолот веднаш да ѝ мавна во главата. „Јас се тресам пред тебе. Пред други луѓе не можам да престанам да зборувам, а со тебе сум како мачка да ми го изела јазикот.“ Тој се обиде да каже нешто, но таа му го стави показалецот на усни. „Шшш. Не зборувај! Молчи. Остај ме да довршам. Не ме прекинувај вечерва, те молам.“ Ја крена раката и на келнерот му даде знак дека сака уште една пијачка.

Само што се најде пред неа, ја накрена и со сласт голташе од алкохолот. „Во право си. Што и да кажеш, ти си во право. Признавам! Јас ја оплескав! Јас оплескав. А знаеш ли зошто?!“ Тој само немо гледаше. Се збуни. Како пред него да не беше ниту онаа девојка од реалноста, ниту онаа од писмата. „Затоа што оплескувам кога ќе се заљубам. Оплескувам кога ќе се заљубам. Да не се заљубев јас во тебе, ние до бесконечност ќе разговаравме. Ќе ти кажев сè. Не, не. Немаше ни да ме видиш во вакво светло. Ама јас сум една обична будала. Будала што секогаш се заљубува во погрешни. Всушност, јас сум жена што не знае што прави кога е заљубена. Ете, таква сум јас.“

После тоа, таа не кажа ни збор. Нему низ главата му се вртеше само едно прашање. Што ако ѝ треба само малку време? Што ако ѝ треба само малку време за да се опушти и да биде своја? Девојката испи уште една чаша полна со алкохол. После тоа, тој не ѝ дозволи веќе да пие. „Ајде, ќе те однесам дома.“ „Не. Не сакам да ме носиш дома ваква.“ „Добро, тогаш ајде да одиме кај мене.“ „Чекај.“ Девојката извади монета од паричникот. Тоа го правеше секогаш кога тој ќе ја поканеше некаде. Петка значеше дека ќе оди, а глава дека нема да оди. Ја фрли монетата во воздухот и чекаше. А секогаш се надеваше дека ќе испадне петка. Така си ја решаваше дилемата. Така знаеше дека сака.

Монетата падна на масата. Глава. Девојката ја погледна разочарано. Тој само мислише дека е многу луда. Премногу луда за овој свет. Ја прибра монетата во паричникот. Едвај се исправи, држејќи се со дланките на масата. „Носи ме некаде со тебе.“ му рече. Тој цврсто ја задржа. Ѝ ја стегна дланката, а со другата рака ја држеше на половина. „Што ќе правам јас со тебе, девојче? Што ќе правам?“ ѝ шепкаше на увото додека чекореа кон неговиот автомобил.

Напишете коментар