Skip to content

Најтажниот збор на светот

Постојат неколку најтажни зборови на светот. Денешниот избор падна на зборот или двата збора во еден – “за малку“. Зошто е тој најтажен збор што постои? Еве во продолжение ќе прочитате преку следнава нарација.

Запознаваш убава девојка, можеби во школска клупа, меѓу предавањата на факултет, на работа или сосема случајно во парк. Запознаваш симпатичен дечко, не е важно каде ќе го запознаеш, но разменувате погледи, имиња, можеби и телефонски броеви. Јасно е дека се привлекувате, има некоја хемија што струи во воздухот меѓу вас, меѓусебно си се допаѓате, но никој не му го признава тоа на другиот.

Вие сте се засвиѓале или засакале меѓутоа “за малку“ не станавте пар и не си го признавте очигледното. Баш шета нели? “За малку“ не ја доживеавте среќата што ви припаѓаше и патиштата почна да ви се разделуваат.

Потоа следи друг пример. Завршивте средно образование со прилично висок просек. Талентирани сте во повеќе области, убаво се изразувате, посакавте да се запишете на престижен факултет. Полагавте приемен испит прилично убедени дека ќе ве примат. Меѓутоа  не ве примија “за малку“. За баш два поени на тестот кои ви фалеа или можеби поради врските што требаше да ги најдете за да можат да ви овозможат “карта“ за влез во високото образование.

Следува трет пример.

Го завршивте високото образовние. Само вие си знаете колку труд, време, откажувања, непроспиени ноќи и посветеност вложивте. Во надеж дека после дипломирање ќе се вработите по струка, само “за малку“ не се вработивте бидејќи вашето место го зеде некој тазе дипломиран кој имал партиска книшка и “силна позадина“ која го турнала таму каде што е. “За малку“ ќе ја работевте работата од соништата, но не сега, повеќе среќа при следен обид.

Следува четврт пример.

Среќни сте во врската која потоа прерасна во веридба, по природниот тек на нештата следуваше и свадба. Се обожавате со вашиот сопруг, исполнети сте, го живеете својот живот баш како што го замислувавте во најубавите мечти. Ви соопштуваат дека сте бремена и дека на пат е плодот кој ќе го круниса вашиот брак. На вашата среќа и нема крај, конечно ви се исполнува заедничката желба да се остварите во улога на родители.

Но едно тмурно и врнежливо утро се будите со поголема крвава дамка на чаршавот, преплашени и во паника. Сте доживале спонтан абортус. “За малку“ не станавте мајка, “за малку“ се прекна новиот живот кој требаше да се создаде допрва. “За малку“ не станавте родители.

Следува петти, позитивен пример каде зборот “за малку“ има позитивно значење целосно спротивно на погорните примери.

Убаво ви оди во животот сѐ, изгледа дека конечно ја најдовте среќата што ви требаше, се реализиравте речиси на сите полиња. Се наоѓате на пат кон вашето работно место, штотуку ги оставивте трите деца во училиште, а сопругата на нејзиното работно место. Се движите со вашиот автомобил со нормална бризина, но “за малку“ избегнавте тешка сообраќајна незгода.

Сте имале среќа, Бог или некоја натприродна сила ве чувала. Благодарни сте што ја избегнавте незгодата за влакно. “За малку“ немаше да бидете жив. Му се радувате на секој миг и генерално на животот.

Секое “за малку“ си има своја причина поради која не се реализирало она што “природно“ би требало да се случува и да тече. Бидејќи после секое “за малку“ следи некоја нова ваша одлука која ќе ве однесе во уште подобро сценарио. Вашиот живот се придвжува според вашите одлуки.Сите хипотетички и реални ситуации во кои е содржан најтажниот збор “за малку“, се случуваат со причина.

Кога вие најмногу можете да влијаете “за малку“ да не се случи во негативна конотација дадете сѐ од себе. За да не се каете подоцна и да не ги набројувате “за малку“ настаните секогаш кога ќе помислите на пропуштените шанси, делувајте. Кога не можете да влијаете на “за малку“ негативните или позитивните идни случувања, прифатете ги нештата и барајте алтернатива.

Од вас зависат сите одлуки што ќе ги донесете. Со одлуките што ги донесувате во сегашниот миг во добар дел си ја градите поблиската и подалечната иднина.

Напишете коментар