Skip to content

Разговор со Илија Волчески, млад и перспективен актер

  • by

Во рубриката “Интервју со…“ имавме чест да поразговараме со младиот, талентиран и перспективен актер Илија Волчески. Тој доаѓа од Прилеп, на тамошната публика ѝ е веќе познат, а ние запознавајќи ги неговите ставови го претставуваме на нашите читатели. Љубителите на театарот и актерството треба да го знаат ова име кое допрва треба да блесне во полн сјај.

Кој е Илија Волчески? Како ти би се претставил на читателите на Крајбрежје?

– Дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности во Скопје, голем љубител на музиката, спортот и животните, човек кој сака сè, освен неконкретност кај луѓето.

Од каде потекнува твојата љубов кон театарот и актерството воопшто?

– Од 6 години, после првото мое стапнување на сцената во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ за претставата „Оливер Твист“.

Во кои претстави досега си имал улога?

– Сум играл во 30-ина претстави, не сметајќи ги претставите од ФДУ, ќе ги издвојам „Швејк во втората светска војна“ како прва претстава после запишување на ФДУ и „Ништо без Трифолио“ како прва главна улога после дипломирање.

Која е твоја омилена улога што си ја одиграл и зошто?

– Немам конкретно омилена улога, уживам во сите што ги работам, затоа што секоја улога и секој процес се различни и баш тоа е интересно. Омилена ми е таа што ја работам во моментот, затоа што ме тера да истражувам и да ги поместувам границите (тие имагинарни граници, стеги, комфорт зони) за самата улога, а и моите како актер.

Дали животот е филм или филмот е живот?

– Животот е само еден кадар, дури не е ни сцена, а и филмот е само еден кадар во цел живот.

Дали талентот на актерите треба да биде препознаен од друг или актерот чувствува дека е роден актер?

– Во мојот случај кога првпат се „соочив“ со тоа да си актер бев дете. Добро паметам дека имав некое внатрешно чувство кое ми предизвикуваше возбуда, но тогаш не знаев како да го опишам тоа, едноставно возбуда. Тоа било знак дека „има нешто“ во мене, но како што кажав, не бев свесен што точно е тоа, но беа свесни моите родители кои ме однесоа на кастингот за претставата „Оливер Твист“, а и луѓето кои ме одбрале да сум дел од тој проект.

Колку е важна публиката при играњето претстави? Која е нејзината улога освен на буден посматрач?

– Публиката можеби ја има најважната улога. Секогаш и јас и сите мои колеги гледаме да сме максимално сконцентрирани и да не дозволуваме публиката да нè земе во нејзиниот свет, туку ние да ја земеме нејзе, но не е баш секогаш така. Се случува публиката да те извади тотално од концентрација, но се случува и да те повлечи нагоре. Ние како актери би требало да имаме чувство за публиката исто како и за дете. Да ја натераме да влези во нашиот свет.

Која е главниот адут што секој актер треба да го поседува?

– Работа, истражување, пробување, анализи, впуштање без кочници итн. Сите овие работи ќе си го направат своето за актерот.

Што претставуваат за тебе “даските што живот значат”?

– Будење на стари добри спомени и среќа што имам можност да создавам т.е. да се создаваат нови.

Дали би направил нешто за сцената во Прилеп?

– Би направил многу работи, но ќе издвојам две: би давал повеќе шанса на младите, што не е баш случај во последниве години и би вовел бесплатни претстави/гостувања за луѓето што не се во можност да си дозволат карта или да дојдат воопшто во театар. Го има ова, само би го направил да е почесто. Секако кај нас можат негативно да се искористат овие работи, но сепак би се потрудил.

Дали има доволно културни настани во градот?

– Никогаш не е доста, секогаш е добро да има повеќе и повеќе.

Дали прилепскиот театар има публика и колку влијае пандемијата врз театарот?

– Прилеп и тоа како има публика. Прилеп е театарски град. Според мене треба уште повеќе да се зајакне интензитетот во врската меѓу театарот и публиката, навиката за театар, а и за културни настани воопшто да е поголема и почеста. Пандемијата има големо влијание. Изгубивме и губиме сите и театарот и публиката. Но, ние сме како пиреј, има светло на крајот од тунелот.

Што мислиш за театарските фестивали? Дали си учествувал на некој и дали имаш освоено некаква награда?

– Ги има многу малку. На рака се бројат. Треба да се залагаме за повеќе фестивали во и вон државата. Стана тешко да направиме обично гостување во најблискиот град Битола или обратно. Треба да се потрудиме малку повеќе околу тоа, сите ние, не само поединци, не само од едно место. Индивидуални награди имам освоено во рецитирање, музика и карате. Како екипа имаме освоено награди за најдобар и театар и најдобар филм.

Ако не се занимаваше со актерство, кое би било твоето друго главно занимање?

– Дефинитивно музиката. Свирам кларинет и саксофон. Дури и сега, кога професија ми е актер, гледам музиката да ми е секојдневние и да сум што е можно поактивен на музичката сцена. А не е лошо и трета опција, спортот во мојот случај. Уживам да спортувам, обожавател сум на боречките вештини, на каратето особено. И спортот гледам да е секојдневно присутен кај мене.

Која е твојата порака до читателите на Крајбрежје?

– Слушајте ги луѓето околу вас, разгледајте ја ситуацијата од нивна гледна точка, слушнете ги нивните совети и селектирајте што ќе изберете. Бидете добри и полни со љубов и мир. Тоа е клучот за сè.

Му благодариме на Илија за одвоеното време и во името на целиот тим му посакуваме приватен и професионален успех!

Напишете коментар