Skip to content

Кога слободата ќе стане оптоварување

Човекот се навикнува на самотија. Кога си сам и слободен, почнуваш да се сакаш себеси. Уживаш во животот. Заработуваш свои пари. Си ја живееш независноста. Го минуваш времето онака како што ќе посакаш. Во средината на своите дваесетти, им се смееш на врсниците кои веќе основале семејство. Кои не ја почувствувале сласта на слободата онака како што ти си ја почувствувал. И навистина. Некои од нив ти завидуваат. „Види го, знае да ужива.”, „Од каде овој вака?” се само дел од коментарите. А ти сфаќаш дека за ништо на светот не би го менувал она што го имаш. Имаш пријатели. Се забавуваш. И воопшто не ти е дојдено до тоа да се обврзиш со некого.

Времето брзо минува. Зачекоруваш во триесетите. Немаш енергија како претходно. Обврските те навјасуваат. Од понеделник до петок најважно ти е да се изнаспиеш. Забавите во викендите не се она што беа. Забави, реално, има. Ама тебе веќе не ти е забавно. Кругот на пријатели ти се ретчи. Скоро сите имаат семејства со кои сакаат да го минуваат слободното време. Ама ништо страшно. Барем има нешто наоколу. Се најдуваат и помлади и постари. Но тие се само епизоди. Со некои минуваш само една вечер. Со некои неколку месеци.

Ама на сите нив им недостига нешто. Стануваш пребирлив. Бараш влакно во јајце. Како да не сакаш да ја изгубиш таа слобода што ја имаш. Па некој нема очи какви што сакаш. Друг чудно ги акцентира зборовите. Третиот е досаден. А има и налудничави типови. Некогаш тие изневеруваат со тебе. Некогаш ти со нив. За некои дури подоцна дознаваш дека имале и партнер и деца. Некои се млади и луди, па со тебе сакаат да ја вкусат зрелоста.

Така почнува да ти се гади од спротивниот пол. Создаваш свој свет. Полека се изолираш меѓу своите ѕидини. Имаш слобода колку и да посакаш. Но таа слобода полека се претвора во оптоварување. Оти сè помалку имаш време. Имаш сè помалку време за да си создадеш семејство по кое копнееш. Самотијата и слободата полека се претвораат во осаменост. Ти фали прегратка. Жеден си за нежност и за искрена љубов.

Немој да почнеш со тоа дека кога си сам правиш што сакаш. Длабоко во себе им завидуваш на оние кои си имаат свои семејства. Сите луѓе сме. Сите сме кревки ко сламки. Таков си и ти. Ти фали некој кому ќе се посветиш. Со кој ќе планираш. Некој кому ќе му веруваш. Не сакаш веќе аватури за една ноќ. Сакаш некој на кој ќе можеш да се потприш. Во чии прегратки ќе можеш да се засолниш. Ти треба некој кој ќе те направи посилен. Подобар. Исполнет. Ти треба човек – семејство. Ти треба човек – дом.

Прочитајте зошто не треба да прифаќате ништо помалку.

Напишете коментар