Синдромот на прегорување се јавува како одговор на продолжен хроничен стрес кој ни го испраќа телото. Нашето тело ни испраќа порака дека е заситено т.е. ментално, физчки и/или емоционално исцрпено и дека му е неопходен одмор. Овој синдром не се јавува одеднаш и изненадно туку се разива постепено. Ако не се воочи во раните фази на развој, симптмите можат да станат сериозни. Генерално може значајно да се одрази на целокупното расположение и функционирање на една личност.
Како започнува овој синдром?
Најчесто започнува со чувствување хроничен умор со што се намалува способноста за носење секојдневни и вообичаени обврски, а сѐ ова e проследено со стрес, како и самата продуктивност и ефикасност. Може да следуваат и демотивираност, безволност, зголемена анксиозност проследена со панични напади, депресвини епизоди, намалена самодоверба, смалена толеранција на фрустрации, иритабилнсот, раздразливост. Нарушување на спиењето и/или апетитот се исто така додатни појави.
Синдромот на прегорување најчесто се согледува во контекст на работни обврски и амбиции
Факт е дека истиот синдром може да се појави и меѓу студентската популација. Во литературата е застапен и поимот “академски burnout“ со кој се опишува оваа состојба. На голем број млади луѓе студирањето може да им донесе многу предизвици и стресни случувања – преселување во друг град и прво разделување од домот, живот во студентски дом, запознавање нови луѓе, вклопување во нова средина и ново општество. Тука влегуваат и многубројните нови обврски. Одредена количина стрес е она што ќе ги мотивира сaмите да си поставуваат цели и да тежнеат кон нивно остварување.
Кога стресот е континуиран, кога целото време е насочено исклучиво кон академски постигнувања постои ризик дека во некој момент дополнително ќе се развие синдром на согорување. Доаѓа како кулминација после континуирано повеќенеделно, повеќемесечно или повеќегодишно учење. Во тој период личноста ги запоставувала и/или потиснувала своите потреби, желби, емоции.
Што е карактеристично за луѓето кои го развиваат “синдромот на прегорување“?
Карактеристично е дека кога тие имаат слободно време не успеваат да се „исклучат“ и да се посветат на себеси туку постојано размислуваат за обврските кои им претстојат. Посебно е проблематично кога после вложениот труд ќе изостане успехот, а наместо чувство на задоволство се јавува незадоволство од себе и преиспитување на сопствените способности.
Кои луѓе се посклони кон развивање на синдромот?
Луѓето кај кои е изразен перфекционизмот (посебно оној нездравиот), потоа луѓето кои се премногу одговорни, кои имаат иразрена потреба сѐ да чуваат под контрола. Се јавува и кај оние кои немаат развиено механизми за адекватно справување со стрес и се подложни да го развијат синдромот на прегорување. Во ризик се и пречувствителните луѓе на коишто многуте обврски, наметнатиот ритам и роковите им делуваат преплавувачки.
Добрата вест е дека оваа состојба може успешно да се надмине. Може да се спречи од повторно јавување со промена на начинот на живот, со усвојување техники за справување со стрес и работа за надминување на ригидни, а усвојување на флексибилни уверувања. За успех секако многу значајно е раното препознавање на проблемот.
Како да се препознае синдромот на прегорување кај студентите?
Студентите кои чувствуваат константен физички и ментален умор, исрцпеност, недостаток на енергија без оглед колку часови спиеле можеби го имаат овој синдром. Поврзана е појавата со постојано лачење и зголемено ниво на хормонот за стрес во крвта. Потоа чести се главоболките, болки во мускулите, стомачни тегоби. Може да се јави и зголемена анксиозност, присутни се и внатрешен и моторички немир, а се јавуваат и панични напади. Изменет е вообичаениот риатм на спиење (студентот или спие премалку или премногу), изменет е вообичаенито принцип на исхрана ( или се јаде премалку или премногу).
Имунитетот е ослабен, концентрацијата е многу лоша, тешко се воспоставува фокусирано внимание. Личноста не стигнува да ги подготви испитите/колоквиумите, често отсуствува од нив, а претходно не било така. Постојано е присутно чувството на презаситеност, се јавува чувство дека не може повеќе да се носи со обврските и стресот, размислува на откажување.
Кои се останатите знаци кои укажуваат на синдромот на прегорувањe?
– Нивото на мотивација за да се оди на предавања и да се извршуваат тековните задачи е во опаѓање подолго време.
– Забележан е недостаток на инспирација и креативност, а порано биле присутни.
– Фрустрацијата и иритабилноста се зголемени, може да биде и изразено чувство на вина, бес, лутина насочена кон себе.
– Често е пристуно преиспитување на сопствените способности и одлуки (дали го запишала вистинскиот факултет, дали навистина цел живот сака да се занимава со тоа што го студира и сл)
Ако се препознавате себе во нешто од наведеново најдобро е да се обратите за помош кај соодветно лице (психолог, психотерапевт или во краен случај психијатар) кој ќе ви помогне да развиете стратегија за надминување на овој проблем. Не сте единствени на кои им се случил “синдромот на прегорување“, секоја година илајдници студенти го искусуваат на своја кожа.
Доколку го забележите кај блиско лице (пријател, колега од факултет, роднина) обрнете внимание и соопштете што сте забележале. Ставете им до знаење дека се соочуват со проблем за кој постои решение. Запомнете дека помошта е неопходна, но уште подобра е превенцијата и заштитата за да не би дошло до третирање на состојбата.
Прочитајте и дознајте што значи претерано размислување и дали сте склони кон истото.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.