Септември

Септември. Нов почеток. Нова година. Но, не онаа јануарската. За мене, септемврискиот е новиот почеток. Есента е нова пролет. Почеток на првите училишни другарувања и први насмевки, а можеби и први љубови во училишните клупи. Почеток на првите погледи кои остануваат врежани во срцата и кои течат низ вените сѐ до крајот на животниот пат.

Почеток на првите научени лекции за животот и за неговата суровост.  Но, и прво  спознавање дека секој суров почеток станува нежен кога нашите пријатели ќе ни пружаат рака и ќе ни помогнат да го направиме првиот чекор.

Септември. Септември е бел гулаб кој пристигнува на нашиот прозорец да ни шепне дека е тука, дека ги брои првите денови, дека почнуваме од ново да се радуваме на животот, да уживаме во вкусовите на есента, дека е време да го правиме слаткото од смокви, џемот од јагоди, да јадеме печени јаболка прелиени со мед и цимет, да муабетиме до долго во ноќта без престан до раните утра кога нѐ пречекува изгресојнцето кое уште топло грее.

Се намалува денот, но се зголемува надежта дека секој почеток ќе биде убав, дека секоја нова научена лекција ќе биде или за поука или за радост, добра или лоша.

Да уживаме во есента и нејзините златно – жолти ноти!

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!