Skip to content

Санде Стојчевски, еден од најголемите македонски современи поети

  • by

Санде Стојчевски (роден на 16 септември 1948 година во с. Студена Бара, Кумановско) – македонски поет, есеист, книжевен критичар и преведувач. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Бил новинар, а потоа уредник во образовната редакција во Радио Скопје, уредник, главен уредник и директор на книгоиздателството „Македонска книга“ – Скопје, главен уредник на списанието „Стремеж“ – Прилеп и претседател на Управниот одбор на балканската книжевна манифестација „Рацинови средби“ – Велес.

Работи во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје и уредник е на списанијата „Стремеж“ – Прилеп и „Акт“ – Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија. Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „Григор Прличев“, „Браќа Миладиновци“ и „Димитар Митрев“. Прочитајте дел од неговото творештво:

Скалд

Се подзасени брчка на небото
наизлегум зимата, израз тромо
што се распростира, неподатлив
за опфат, за реч и за толкување.
Можеби закана втисната беше
над нас, кон прастаро движење
неодложно што нè подстиснува,
подразместува по суви патеки.
Чекавме да задремеш, да отпочнеш
подвиг во ритчеста пустара, ловот
да го приведеш кон крај, да здивнеш.
Зрачат твоите прсти, во облаците
зафатени, додека светот опасно
кон трaјна отсутност се наведнува.

Лорелај

Карпата дом а брегот брат, о Лоре.
Сал меткам ветрова рака и сè е така,
небаре ветка, нашето отсутно двор е,
но ти ќе мора да си, неколку страка
мрак, а пак во кал си цапнала,
до почетокот си стапнала, и гребе
идната рака, од бидување капнала,
па скоро си, но испразнета од себе.
Борот е присуство преполн, одамна
превршил мера. Подземи трошка Лора,
започни се од нешто, бар крени гламна
што осамена пред ловецот на А-то.
Да е среќа магливото да фати кора,
ќе сте: тежината, и мерката, и патот.

По македонските патишта

Утајум ли братот наш скоковито
се префрла во туѓи царства, под мишка
тутка шушкава кошула змиска?
Се чуди ли; за кого тоа стрпливо,
од искони резбаме длабоко
дабово ведро? Врз луто ветрово
јаже, до ’рѓосаното бакарно
сандаче, изгрева твоето колено,
божем напрашено со неовдешно
некое вдахновение. ’Рѓосува ли,
меѓу семиња зафрлен, нашиот брат,
доверливо со острицата што нè осветлува?
Си лета чучулигата, полжавот
си е на трнот, на своето небо бог.

Напишете коментар