За танго се потребни двајца или сепак не?

Еден, два, три ча ча ча, еде ден два три ча ча ча. Изведуваше некоја слободна верзија на танцот. Сакаше да научи салса, румба, џајв, пасо добле, мамбо, бачата. За да успее да ги запомни чекорите требаше многу повеќе вежбање. Зошто да не може да се играат и единечно, кој може да го спречи тоа? Пушташ латино мелодија и се движиш по ритамот во свој стил додека дневната соба ја претвораш во сала за танцување. Кому е грижа што не се правилни чекорите и како би изгледала отстрана? Само продолжи да го движиш телото.

Клише реченицата дека “за танго се потребни двајца“ ѝ одѕвонуваше во главата при секоја помисла дека тој ја покани да играат, но не се појави на подиумот. Празни ветувања, зборови кои не вредат ни скршен денар штом не се остварат. Остана полускршена и удавена во сопствените лажни надежи и очекувања за кои мислеше дека ќе станат јаве. „Нема да станат јаве и немој веќе да си се осмелила да помислиш дека зборот секому вреди злато“, си мислеше во себе.

Ги стави слушалките на уши, си пушти музика на најгласно која ја придвижуваше и си го замисли подиумот сред дневна соба. Нежно и женствено си ги нишаше колковите во ритамот од латино звуците. Потоа забрза, се вртеше во круг и си изведуваше измислен танц чии чекори ги повторуваше. Можеби за танго се потребни двајца, но за да танцуваш не ти треба никој. Доволна на себеси и без намера да го чека партнерот за танго ѝ се препушти на мелодијата целосно. Светот запре во тоа неколкуминутно ослободување од грижи, тешки мисли и оптеретувања.

Беше слободна како птица, се чувствуваше лесна како пердув и среќна длабоко во себе дека сѐ уште можеше да танцува. „Сѐ е добро кога човек може да се движи, би умрела да не можев да трчам, да скокам и да го движам телото“, беше уверена во сопствените внатрешни мисли. Еднаш мислеше дека ќе умре од тага за она неоствареното, но ужасно се лажеше. Убедливо знаеше дека тој што не се појави на подиумот загуби најмногу, таа немаше што да изгуби. Тој испушти да танцува со партнерката чијшто танц ќе го однесеше во најубавите извори на постоењето.

Само танцувај, не прекинувај да ја раздвижуваш внатрешната песна која тлее во тебе. Танцувај и не запирај девојко, макар и цел живот танцувала сама, до последен здив. Последното танго сите го играме сами, а дотогаш играј. Танцувај и радувај му се на секој миг кој ни се слизнува низ прсти брзо како највеселата мелодија.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!