Секоја жена заслужува ваков маж

Веќе видовме каков маж не заслужува една жена, сега е време да видиме каков е тој маж кој секоја жена го заслужува. Дали постои таков? Ако некој се пронајде во напишаното нека биде горд на себе. А ако жените во описот си ги препознаат нивните мажи, тие се вистински среќнички и чувајте си ги.

Сите ќе се согласиме дека идеален човек (маж или жена) не постои. Ако сме во потрага по таков вечно ќе трагаме и нашето барање ќе се сведе на чекањето на Годо. Таков маж или жена никогаш нема да се појават ниту да дојдат. Уште повеќе ќе се согласиме дека теоријата или пишаниот збор е едно, а праксата сосема друго. Кога ќе се најде некоја средина и ќе пронајдете некој кој е блиску до вашиот идеал за „маж каков што заслужувам“ тогаш сфаќате дека вашата потрага е успешно завршена.

Истото се однесува и за мажите кои трагаат по нивниот замислен блиску до идеал за „жена каква што заслужувам“. Читајте во продолжение каков маж секоја жена заслужува. Фатете и по некоја белешка. 🙂 (Малку да се нашалиме)

Секоја жена заслужува маж кој знае да слуша со внимание. Таков кој ќе сака да слушне за да разбере. Кој во очите може да ѝ ја прочита секоја сокриена болка додека таа раскажува навидум самоуверено. Тој што знае да разбере што се крие помеѓу секоја нејзина воздишка, треперење на гласот и тргање на погледот настрана. Тој што ќе ја стави нејзе во преден план, а сѐ друго ќе батали само за да ѝ обрне внимание, ја заслужува вистински.

Секја жена заслужува трпелив, а не избувлив маж. Чесен, а не измамник.  Маж кој е преполн со обврски, а повторно наоѓа време за да ѝ поклони дел од неговото бидејќи таа му значи повеќе од сѐ. Маж кој ќе прекине сѐ што прави и ќе се стрча кај неа ако таа побара помош од него кога е во неволја. Таков кој ќе биде тука и во добро и зло. Кој нема да сака да го гледа само нејзиното најдобро издание, туку и во најлошото ќе ја сака и почитува.

Таков кој ќе биде тука за неа и кажаните ветувања секогаш ги исполнува. Зборот му е закон, за него не важи старата народна “арен маж не си стои на зборот“. Таа му верува, а тој никогаш не ѝ дал причина таа да се посомнева во него. Си веруваат меѓусебно благодарение на заемната доверба, почит и искреност кои ги негуваат. Тие “зборуваат отворено“ кога имаат некој проблем, секогаш наоѓаат заедничко решение со разговор.

Мажот кој во секое несогласување знае да мисли со ладна глава, кој исто како и неговата партнерка се обидува да направи консензус бидејќи нивната врска или брак му е поважна од секое можно недоразбирање. А со мажот кој секоја жена го заслужува недоразбирањата би требало да се сведени на минимум. Тој прави компромис исто како и партнерката, лојален е и знае да размислува рационално.

Таа најпрво му ги открива “негативните страни’ (оние кои не ја прават најпривлечна според неа), а тој ги игнорира, па ги прифаќа и ги разбира бидејќи знае дека и тој има свои негативни страни. Е ваквиот маж ја цени жената многу повеќе од она што таа прикажува, што го сокрива или ѝ влева несигурности. Кога тој ги прегрнува мааните треба да биде најценетиот, најпочитуваниот и најсакниот маж во нејзиниот живот.

Секоја жена заслужува искрен, трудољубив, амбициозен, лојален, поштен и насочен кон подобар живот – сопатник. Таков кој може да има успешна кариера, а е ориентиран кон создавање семејство и сака да се оствари во улога на родител. Кога ваквиот маж ќе стане татко нему семејството му е на прво место, не ја запоставува работата, но е целосно предан на фамилијата.

Секоја жена заслужува маж кој прави таа да се чувствува најубава и најпосакувана жена на светот. Со гестови (кои не се состојат од подароци) покажува колку му значи. Тој гледа “подалеку“ од нејзината физичка убавина и привлечност. Целосно е свесен дека убавината е минлива, а убавата и чиста душа останува таква до крајот на животот. Маж кој сака да гледа како неговата сакана старее покрај него и сака заеднички да евоцираат спомени во староста.

Мажот кој секоја жена го заслужува има толеранција и почит кон сите луѓе, но и животни. Културен е, забавен, а сериозен кога треба. Тој е насочен е кон иднината, но знае да живее и ужива во сегашниот миг. Таквиот маж сака да креира заедничка иднина со неговата партнерка. Нејзе ја сместува во сите планови поврзани со планирањето на иднината.

Маж кој секогаш ќе биде подготвен да ѝ помогне во домашните обврски и самоиницијативно се “меша“ во кујнски обврски и чистење на домот. Честопати знае и сам да подготви ручек или вечера за сите. А некогаш изненадува и со храна “донесена однадвор“. Знае дека неговата партнерка имала тежок и напорен ден, а тој прави сѐ што е во негова можност за да ѝ олесни.

Мажот кој секоја жена го заслужува е добар човек со чиста душа, некогаш може да има детска наивност, но е зрел и размислува како возрасен. Маж кој ќе ја насмее партнерката кога е најтажна, ќе ѝ биде рамо за плачење и најголема поддршка во сите нејзини чекори – и те како ја заслужува. Маж кој ќе служи како заштитна карпа, покрај кој ќе се чувствува најсигурно и безбедно.

Секоја жена заслужува маж во чија прегратка ќе се чувствува дека припаѓа таму. Се чувствува дека е заштитена. Маж чијашто прегратка на жената ќе ѝ значи цел дом. Секоја жена заслужува маж со кој може да се види себеси во подоцнежни години. Маж кој е најглема поткрепа и пред сѐ најдобар пријател. Маж кој таа ќе сака нејзините деца да го викаат “тато“ и без кој нема да може да си го замисли животот.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!