Нема да премолчам – А. Лефкоска

Чинам ќе ме убијат зборовите ако не ги кажам,
ќе ми се заглават в грло и ќе ме задават,
па не можам да молчам, морам да раскажам.

Не можам, таква сум родена,
со илјада зборови во устата,
со острици на јазикот,
со сила во душникот заглавена
што чека да биде извикана.

Ќе паѓам, ќе станувам,
ќе крварам ама ќе зборувам,
ќе викам и врескам
за она во кое цврсто верувам.

За неправди,
за нееднакви,
за мачени,
за  насила продавани и плаќани,
за газени
и неферски поразени,
за мене и за вас,
за нив и за сите нас.

Чинам ќе ме убијат мисливе ако не ги кажам,
ако со нив гласно не се соочам
затоа попрво сѐ ќе изгубам
ама нема да премолчам.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!