Вчера и денеска се одбележува 80 годишниот јубилеј од денот кога македонскиот народ се кренал против окупаторот за ослободување на земјата. По тој повод да се потсетиме како се прославува 11 Октомври, многу значаен ден за сите Македонци.
Прослави во Македонија
Поради самиот факт дека се работи за голем настан од Македонската историја, низ државата се организираат разни свечености и прослави. Традиционално се одржуваат свечени концерти. Повеќе делегации од Македонското Собрание положуваат цвеќе на гробот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, во Паркот на Револуцијата во Прилеп, како и на Спомен-костурницата на паднатите борци од народноослободителната борба во Куманово.
Во Прилеп секоја вечер спроти празникот се одржува традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на историските настани од предвечерјето на 11 октомври 1941 година. Во Прилеп постои и Меморијален музеј „11 октомври“ во кои се изложени неколку стотици фотографии и значајни документи од народно-ослободителната борба. Прилепскиот градски оркестар организира маршрута од центарот на градот кон Могилата на непобедените. Каде покрај движечкиот оркестар се организира и спектакуларен огномет.
Посебна важност има и свечено положување цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје од страна на повеќе делегации на Владата, на Собранието, на Претседателот на Македонија, на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија, делегација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата и на Град Скопје. Не изостанува и редовната свечена академија и обраќање на повеќе македонски државници и поранешни партизани во Домот на АРМ во Скопје. Исто така се изведуваат и крводарителски акции.
Прослави во дијаспората
Празникот не се прославува само во Република Македонија, туку и во целиот свет каде што живеат Македонци. Секоја година има традиционална прослава во Велика Британија, Лондон. Македонските друштва од Германија секоја година организираат прослави со богата културно-уметничка програма, каде настапуваат повеќе естрадни ѕвезди од Македонија.
Во чест на празникот
Поради големото значење на тој настан во македонската историја, многу училишта во Македонија го носат името „11 Октомври“ (ОУ „11 Октомври“ – Куманово, ОУ „11 Октомври“ – Ново Село, ОУ „11 Октомври“ – Урвич, ОУ „11 Октомври“ – Центар), како и многу улици и јавни претпријатија. Најголемо претпријатие беше фабриката за автобуси „ФАС 11 Октомври“ од Скопје.
Празнични цитати
„…11 октомври е ден од македонската историја, кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Наша должност останува да го чуваме она за што тие го дадоа својот живот. Нашата историја нè мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе…“
„… Во најубавата приказна за слободна Македонија се вградени судбините на огромен број млади луѓе. Затоа, ова наше востание мора да стои на пиедесталот на македонскиот народ во создавањето на вистинската приказна за македонската република…
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.