Ѓаволот пак ги вовлекува прстите во моето срце. Лутав. Бегав. Ги испраќав темните ноќи. Ги дочекував утрата. И пак само до тебе стигнав. Под кожава си ми напикана. Во душава си ми така оптегната, а јас само те гледам додека уживаш. Ми се смееш. Не го знаеш светот мој, а сепак си негова кралица. Чувствувам. Знам дека ќе ми го распарчиш срцево. Оти ти не си жена ко сите други. Жена си со душа на маж. И ништо не ти значат чувствата мои. Ништо. Прав и пепел ќе ги сториш.
Сакав една жена многу одамна. Страв ми е да те засакам тебе. А многу можам да те сакам! Многу! Можам да те задавам в прегратки. Да те убијам од бакнежи. Ама тебе не ти е гајле за тоа. Затоа некогаш наминувам под балконот твој. Никаде мир не можам да најдам. Дури и солзи ронам некогаш. Ама ништо тоа тебе не ти значи. Оти си жена со душа на маж. Бетер од мене си ти! Затоа ми е страв да те љубам. Се плашам од нежноста на допирот твој. Ме плашат твоите насмеани очиња. Дури и од пегите, кои сонцето вешто ти ги исцртува на лицето се плашам. Се плашам дека само ќе ме заведеш и ќе ме одвлечкаш во бездна. А можам да те сакам. Многу можам да те сакам!
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.