Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ распишан од Темплум

Издавачката куќа Темплум по шеснаесетти пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик. Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски…

Услови на конкурсот: за наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга. Под проза пред сè се подразбираат кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми.

Важно: ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. околу 90.000 компјутерски знаци. Ракописите можете да се испраќаат до 15-ти ноември 2021 година на следнава електронска адреса: [email protected]

Ракописите, кои се испраќаат по електронска пошта, треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“. Спонзор на наградата е Комерцијална банка. Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2021 година. За сите дополнителни прашања можете да се обратите на истата адреса на која се испраќаат ракописите.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова (Будимка Поповска), Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Ѕвездан Георгиевски, Гето Руди (Дејан Василевски), Андреј Ал-Асади, Ирена Јурчева и Игор Лозаноски.

Извор

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!