Дозволи барем – Менче Кадинец

Дозволи барем еднаш немирна вода да бидиш,
да престанеш да се плашиш од сонот вечен.
По улици својот поглед да го истураш.
Да се прашуваш дали грешки правиш.

Дозволи барем еднаш со ѓеврекот во рака
по улици да талкаш, така по патики жолти,
со жолта пувка на глава.
Не јади си ја душата мислејќи
зошто некои остри погледи те бодат,
а не знаеш зошто!

Душата ти е твоја, ако можиш не дозволувај
да ти ја обвиткуваат во празни хартии.
Од една болка не прави две.
Прости им на сите.
Кога ладовината ти ја тресе душата,
а сакаш топла рака да допреш
треморот да ти го смири,
ти само диши, зграби го воздухот во своите гради.

Ги отвораш очите гледаш нејасни контури
некој ќе ти верува, некој не.
Некој ќе ќаже нервите сè, а тоа е полесно од сè.
Самотијата ја толчи душата
а дојде такво време,
некој нерв низ мозочни вијуги ти се врти,
мислиш матно гледаш.

Непријатните зборови
направиле решето во твоето битие,
а се чудиш како ли ги заслужи.
Дали помалку вредиш или повеќе,
па столчи ги мислите во своето битие,
не се измачувај.

Животот има свој пат,
понекогаш те заобиколува,
а ти трептиш како,
како птица на мраз.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!