Помеѓу – Силвана Ј. Димитриевска

Помеѓу мене и тебе
постои скршен цвет
како поглед на дете
од другата страна на излогот
во онаа маалскана слаткарница
во која желбите се шеќерчиња
што личат на црвено-бели перници.
Помеѓу мене и тебе
постои инаетливо лето
во кое постојано врне
и калливи вирчиња
од кои ечи смеа
палаво скокоткани
од мали стапалки
кои непрестајно шлапкаат.
Помеѓу мене и тебе
постојат оние преку и попреку
од сите седум планини
и седум ридови
и седум мориња
зад кои спијат
големите чуда и чудеса
и малите зрна прашина
заробени во клепсидрата.
Помеѓу мене и тебе
постои она помеѓу
заради кое е измислена
теоријата на релативитетот
и оние црни дупки
во кои наводно
умираат ѕвездите.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!