Антологиска – Наталија Наумовска

Уште една будна ноќ
Глуво доба со гласни мисли
Дочекано изгрејсонце
за кое велат дека е попаметно од ноќта
Ништо не е залудно речено.
Не се залудни ни овие стихови.
Тежат колку олово,
а се толку едноставни,
сложени во едноставноста.

Се враќам назад некаде во почетокот
на мојот почеток, па се прашувам:
„Казна или награда?, Казна и награда?“
Што е казна и за кого?
Наградата е човечки живот,
ново поглавје и цел свет сограден од корен.

Си бројам благослови,
вдишувајќи благодарност за секој здив.
Казната како склоп на околности
или дело на самиот ѓавол
кој се обидел да вмеша прсти
во еден светол чин на “првовдахнување“.

Не им се лутам веќе ни на ѓаволот
ни на Бог што дозволил другиов да се вмеша.
Кога изборот е запечатен
единствен и наметнат – го прифаќаш
потоа само се помируваш
за туѓите грешки не си должен да плаќаш.

Судено ми е да се борам
никогаш да не се откажам,
со крстот на чело,
сама себеси сонце сум си
и кога невремиња ќе ја поплават душава
сама себеси херој сум си.
Со оловна тежина неправда ме здоболува,
оти чинам со неа бев пресретната одамна,
правдата ми стана вистина и водилка,
но залудно е трагањето по неа
во суров, лажен свет со злоба вонземна.

Трагајќи по вистини се изгубив себе
за повторно да се пронајдам
посилно, похрабро, помудро.
Барајќи решенија најдов нови прашања,
бескрилно, невредно, без јадро,
пловев во океан од загатки
вдишувајќи надеж како воздух,
тргнав ко војник на војувања,
во борба без надворешни рани
ко светец честа што си ја брани.

Темно и светло одеднаш,
црно и бело сеприсутни.
Бела ноќ и црн ден повремено
Блага тага и горка среќа
душа што плаче и се радува истовремено.

Во уште една тивка ноќ со гласни мисли
победи перото на животот
кое приказни раскажува,
повистинито од самото утро
кое штотуку осамна.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!