Уметнички вечери – А. Лефкоска

Збори ми зошто не можам веќе во оваа тишина,
гледам сеништа како идат и ми ја јадат душата,
гледам народи и војни и борба за места први
и птици илјадници што рецитираат на грчки,
гледам дворски шутови облечени во восхит
а уметници и филозофи пратени на камшик.

В темнина со рани и лузни,
и сите оставени во маки грозни,
прпелкаат жално по земја,
плачат заедно со музата,
ја корнат- ја делат ко леб меѓусебе душата.

Сликари сликаат со крвта што им лее од уста зашиена,
музичари и боеми влечат ноти од душа испиена,
поети пак – в пајтони солзи ронат и
сѐ околу себе пцујат,
сѐ околу себе колнат,
в бестрага гонат в стихови и песни
и арка и храброст даваат на писатели бесни
војна што  водат со пенкала цврсто в раце
за она што нема, а вреди да се каже.

О, збори ми, сосем полека и тивко,
дај му трошка смисла на овој мој живот,
понеси ме со зборот во земји други,
таму кај што ќе ми нема души туѓи,
таму кај што платно ќе се вреднува,
таму кај што песна ќе се велича,
таму кај што глас нема да трепери,
таму кај што страшни нема да се
тие тивки, црни, уметнички вечери.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!