Душа тврдина – Лина Димоска

Немој само доцна да разбереш
дека ич не е важно
другите што ќе си помислат
или што ќе си речат
или што ќе те искоментираат.
Немој доцна да разбереш
дека најмногу живееш во својата кожа,
а не во туѓите очи
и дека душата ти е единствен дом
во кој можеш да се засолниш.
Затоа, напрај си душа тврдина
и не отворај ја секому,
туку само на оние кои знаат битки да водат
за тврдини да освојуваат.

Светло нека биде внатре.
Не ставај завести на прозорците.
Тргни ги килимите од подовите.
Пијано едно стави си внатре,
за со дирките да си играш некогаш.
Стави и платно за цртање,
па на него нацртај сини пеперутки
за в душа да ти останат сите драги луѓе
што си заминале од светот,
ама од твојата тврдина никогаш нема да си заминат.
Земи си и еден креденец.
Стар, старински, од оние зелените, југословенски,
ко сите наши баби и дедовци што имале
и наполни го со мед и со ореви
за слатко да ти биде на душата,
само стави и една тегла лутица и сиренце,
за некогаш на детството да те потсеќа.
И неколку диви костени стави
за некогаш на есен во душата да ти мириса.

Земи си две столици.
Шарени.
Не дозволувај тврдината темна да ти биде.
И една масичка стави си
со свеќи ароматични,
за да има кафе кај да пиете
со оној кој ќе го пуштиш внатре,
во единствената тврдина што ќе ја поседуваш,
оти душата е најубавта тврдина што човек може да си ја направи.
Направи си градина,
полна со цвеќиња, со мачки и со пеперутки.
Јас градина без цвеќе можам да замислам,
ама без мачки, некако тешко ми е.

Светла да ти биде тврдината. Топла. Блескава.
Не ги спуштај завесите.
Не оставај крв да тече по ѕидовите.
Оти имав јас една таква тврдина.
Мрачна, тмурна, темна.
На влага и на мувла што мириса.
Над неа сонце не изгреваше.
Внатре црна темница беше.
Со темни завеси прозорците сум ги покрила.
Сум оставила пајажина да фати креденецот.
По ѕидовите крв и солзи течеа.
Внатре и јас се плашев да влезам.
Ич не влегував оти страв ми беше од тоа што ќе го видам.
Дури не дојде тој.
Дури тој не ја освои тврдината моја.
И не сакав внатре да го пуштам.
Ама само храбрите такви тмурни тврдини освојуваат.

„Не влегувај внате”, го молев.
„Само ќе разгледам.“ ми рече.
Јас стоев на врата.
Го гледав како љубопитно ги гледа ѕидовите.
Седна и се оптегна на една од столоците.
„Зар на мувла не ти мириса?“, го прашав.
„Овде мене само на чисто ми мириса.
Седни си ти до мене.
Јас и ти ќе реновираме овде малку.“
Тој ме научи да владеам со светли тврдини.
Со тврдини кои блескаат ко ѕвезди на небо.
Затоа, само такви пуштајте си во тврдините.
Ама вие останете си нивни владетели.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!