Петре Прличко (Велес, 13 март 1907 – Скопје, 16 ноември 1995) е истакнат македонски глумец во повеќе филмови, театарски претстави и телевизиски екранизации. Сам по себе претставува вистинска легенда и зазема голем удел во македонското глумиште во XX век. И покрај тоа што бил запишан во гимназија, Петре Прличко не останал долго време таму. Во 1923 година ја напушта гимназијата и се приклучува кон патувачката група на Михајло Лазиќ. Откако прошетал низ неколку театарски дружини, во 1931 година, охрабрен од начинот на кој го примила публиката, тој основа свој сопствен театар „Боем“.
Бил најзначајната личност на македонската сцена во втората половина на минатиот век
Од 1939 г. членувал во Народниот театар во Скопје, па од 1944 г. во партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснува во Македонскиот народен театар. Токму тука неговиот талент блеснува во полн сјај и тој станува најзначајната личност на македонската сцена во тоа време. Во меѓувреме го испробува својот талент и како театарски режисер.
Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши глумци.
Награди и признанија
Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: АВНОЈ, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров); 1959 Пула — „Златна арена“ за главна машка улога во филмот „Мис Стон“;1991 Ниш – награда „Славица“ за животно дело.
Во една прилика Петре Прличко изјавил дека сепак ако мора да избере една улога како најдрага тоа секако ќе биде „Манданата“ т.е. неговиот лик во филмот „Мис Стон“, за која ја доби и наградата „Златна арена“.
Од неодамна востановена е награда за животно дело „Петре Прличко“ која се доделува на глумец од средната генерација и таа се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и соодветна парична награда.
Во 2004 година Јелена Лужина објавила монографија за Петре Прличко, во издание на „Магор“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.