Покана за чиста вера во животот – Гане Тодоровски

Се препознав во нежен твој заљубеник
Еве, ти идам полн со презир кон сè што ревнивост се вика;
Како да ги пречекорам дните испозагубени
на патот до Тебе, Таголика…

Длабок сум гроб на сите идеали
испозапустени низ штури зборови едно чудо-
па, сега да те подземам врз плешки, дали
пак нема да ме прекориш за лудост?

Што ли ги труе моите мисли клети?
Кој ја подјадува љубовта од сите страни?
Дали ко товар недостиг те сетив,
врз чувствата, врз тие пеплосани рани?

Се нарековсам Твој заљубеник! Ми годи
таа страст луда и љубов и сомневање
кон Тебе драга, кон Тебе добра Родино,
несвикната на моево здодевање…

Имам ли право јас таков да се наречам?
Ако сум грешник нека ме стрештат али?
Со крвта на врел неверник ќе ти се заречам:
луѓето не беа прави, туку идеалите,

а нив ги валкаа некакви лажни светии,
недостојни дури за Твоите невидливи окови-
со одвратно верување дека се ветени
по некакви си упатства да ти планираат спокој!

Со мала можност да те разубавувам
твоето ДЕНЕС го разбрав ко чекор појќе од ВЧЕРА
Затоа, не те ни прекорувам, не те ни прославувам,
туку те молам понизно за троа чиста вера,

оти ни претсгтои да те осмислиме сега,
НИЕ, што можеби сè уште сме млади,
НИЕ, распнатите помеѓу желбата и стегата,
НИЕ, без црвојадина во градите.

НИЕ, врсници мои, ние мудри и сиит,
НИЕ, со скрстени раце некога преку мера –
Нека останеме збити и срцевити
во првите позици на верата.

За да ни дораснеш Родино до раме,
за да заприлегаш на најсвидна убавица,
за да не останеш никогаш осамена,
и црна шамија никога да не завиеш!

Горчливи голтки непремолк (1970)

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!