Кога тебе те нема – А. Лефкоска

Во чиј џеб да ги оставам стиховиве сега кога тебе те нема?
Во чии рабови на чиј парталав капут да ги зашијам мислите
и соновите и воздишките?
Каде да се сокријам
и со чии диви мириси да се покријам сега  кога тебе те нема?

Кај ќе ми лутаат сега мислите?
По кои планини, низ кои шуми и рамнини?
Кој ли сега ќе ги испие моите горки ко пелинковац зборови
и кој ќе ми ја скрати тагата?
Кому, јас штом ќе остарам ќе ја посветам младоста?

Стојам уште во бунило на местото кај што ме остави
и илјада зборови во грлово се заглавени,
рацете треперливи, разбрчкани и помодрени од студ – прашина ми фаќаат
и ако птици в глава песни пеат, пенкало да фатат не сакаат,
не сакаат ни збор да запишат сега кога тебе те нема.

Столчето зјае празно и тажно и за миг ко да можам повторно да те видам,
се смееш и тераш езгии со тој твој проклет инат што ме ваѓаше од такт,
а потоа  ме носеше во некој топол мрак кај што немаше правила и немаше тага,
колиба мала и мрачна, а надвор невреме – виулици крупни и треперливи,
во каминот дрва разгорени и пламен заигран ко две души испреплетени.

И штом почнам да се смирувам, реалност се растопува,
и сѐ што е пред мене почнува да го снемува,
нема езгии, нема инат, нема вадење од такт и
топол мрак и оган в колиба,
тажна е тажна душата
и очите што зјапаат во таа празна столица.

Што ли да правам сега, кога тебе те нема?
Кај да ги најдам деловите што ти ги оставив?
Како да го вратам она од себе што по тебе го изгубив?

Како ќе продолжам сега, кога тебе до мене веќе те нема?

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!