Песна од Ерол Туфан, дел од збирка поезија во подготовка

Ерол Туфан е роден во 1959 г. во Гостивар, Македонија. Во 1992 година се иселил во Турција. Студирал право во Скопје на УКИМ и во Конија на Селчук Универзитетот. Од 1999 наваму е самостоен  адвокат во Истанбул. Поет , есеист и преведувач. Пишува и објавува на македонски,турски и српски јазик. Во 2006 година во Скопје  ја објавил книгата есеи „Книгољубецот„ којашто доживува второ издание во 2011 година. Истата е објавена под ист наслов и во Белград во 2017 година. Поетските книги „Балкански син“ (2013) и „Камчето од Вардар“ (2016) објавени се во Скопје, додека пак нивната синтеза под наслов „Ерол трагом Ерола“ е објавена во 2016 во Белград. Во 2020 г. две нови  книги поезија и една нова книга есеи му конкурираат за издавање. Во 2021 година ги објавил двете дела „Несоници” и „Ликовите во менеќ“. Член  е на ДПМ, УКС и ТАЛ.

Ерол Туфан

Миговен и слободен – Ерол Туфан

Зборовите немаат веќе

никакво значење ниту толкување…

Битно е што чувствувам.

Да бидам проточен и прозирен

како водана во рекине планински.

Слободен како сонцето од утро до вечер.

Да шпартам по небото мое,

продорен да бидам како ветрот,

да прострујам низ сите мозоци

и да научам сè и сешто.

Да можам да се отпуштам себе си од себе

и да отидам без куфери и товари

на Тахитите како што некогаш

тоа го стори сликарот Пол Гоген!

Да напуштам

секакви врски и обврски,

статуси и патоси,

канцеларии и навики,

роди и породи,

свои и присвоени,

накалемени или пак сосила вметнати

стеги и претеги,

леви и десни сметала,

долни или нагорни потпирачи.

Да се ослободам од сите

доброутра, добри денови и добравечери,

поздрави и отпоздравувања дадени со пола уста.

Да изгасам радио, Тв или пак касетофон.

Да фрлам компјутер, лаптоп и мобилен в море.

Да избришам тефтери за земања или пак долгови,

да запалам планови за подобро утро

и напишани стратегии за освојување

на статуси и фотелји.

Да подарам на други на кои им требаат

крепости, зимници и туршии,

капути, одори, обувки

со високи и ниски потпетици,

лакирани мокасини и кравати,

со испакнати топузи или

златни токи на ревери,

чворови од свилени материјали

 што појќе стегаат душа отколку отпојќе кила

и да отпловам негде уџум

кајшто никој нема да ме бара,

ниту пак јас ќе имам потреба од лага.

Само  жолто сонце.

Синозелена вода.

Сино и модро небо.

Кафена земја и многу зеленило  да има,

да шиба ветар студен, безбоен…

И бескрајно бела  СЛОБОДА  ко

допирлив идеал или самовила  да мами…

Песната „Миговен и слободен“ е дел од поетската збирка „Куфер“ којашто е во подготовка.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели