Врамена фотографија – Јелена Ѓиноска

Сакав да го насликам овој дожд
Кој од утро до мрак е мојот единствен придружник во болката
Да го заробам во акт, додека невино паѓа од небото
Како поклон од Бога
За да ги исчисти нашите гревови
И целата кал врз нас
Која е скоро невидлива за човеково око
Сакав да го насликам неговото заминување од небото и повторно допирање на дното
За по некое време да се врати дома во вид на пареа
Прочистен и смирен

Но, јас сум само еден обичен поет
Што го чека дождот за да биде помалку осамен под ова небо
Да биде заробен во својот дом за да има мелодија од природата поројна
Убав поглед на тагата и среќата
На крајот и почетокот
Та да си наточи пијалок
И да почне да пишува за сите пропаднати љубовни приказни
За оние моите
За оние твоите
За сечии и ничии истовремено
Да истури пијани капки крв врз белиот чист хартија
Да се исплаче
Да те исплаче
За на крај да се проколнам зошто сум емотивна
Та да се погледнам во огледало и да се нашминкам
Да го бакнам одразот затоа што го љубам
Оставајќи црвен траг од кармин
Исти како врз нечии чаршави
И да ја кренам во вис чашата додека завидливо се насмевнувам
И весело да извикам
Ова е за нас!
За нашата љубов без почеток и крај.
И да се нацртам пред твојата врата
Со поглед полн зборови
Да ме примиш во прегратки и да молчиме
Дождот нека зборува.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!