По повод излегување од печат на книгата „Снежни стихови“ поразговараме со поетесата Софија Петковска која е иницијатор за да се реализира проекетот од хуманитарен карактер. Имено, учество во стихозбирката имаат земено повеќе автори, а за подетално прочитајте го разговорот во продолежние.
Софија, ти си дипломиран педагог, на читателите си им позната како поетеса, на нашиот блог и твојата фејсбук страна можат да се прочитаат твоите стихови. Лани ја издаде првата стихозбирка „Поетски нежности“, а за крај на оваа година подготви еден проект од хуманитарен карактер. Ајде од почеток, најпрво честитки за реализацијата, од каде идејата за ваков чекор, како се реализираше издавањето на збирката песни „Снежни стихови“?
– Ви благодарам за искрените честитки од срце. Идејата за печатење на оваа книга произлезе лично од мене, од мојот внатрешен порив за да помогнам некому. Јас како мајка, како педагог и наставник многу ги сакам дечињата и сакам сите да се среќни и насмеани, секое дете заслужува да биде среќно и сакано, па макар тоа траело и само еден миг. Реализацијата на овој хуманитарен проект започна веднаш истиот ден откако јас ја споделив мојата желба и идеја со останатите поети и поетеси и многу сум среќна што ме поддржаа, им благодарам од срце.
Кои автори се застапени во збирката, како протече договарањето со нив и кој сè можеше да земе учество со сопствена поезија?
– Искрена да бидам, бидејќи не знаев како ќе се прифати оваа идеја, решив да ги прашам само авторите со кои веќе еднаш соработував и беа дел од антологијата „Замрзнати поеми“. Па така, на фејсбук направив групна порака од сите нив и им кажав за идејата. Им се допадна идејата од самиот почеток, па веднаш почнавме да смислуваме начини како тоа да го реализираме најбрзо што можеме. И бев многу позитивно изненадена што и други автори кои не беа дел од „Замрзнати поеми”, се приклучија на оваа хуманитарна акција.
Па така, оваа книга „Снежни стихови” брои вкупно 37 автори, од кои еден автор е од Плав, Црна Гора, а останатите се од Македонија и мене многу ме радува тоа што сите автори сме од различни градови. Во оваа книга сите сме на различна возраст, а има и детски песнички напишани од дечиња кои сакаа да земат учество во книгата. Вакво нешто организирам за првпат и искрено се надевам дека ќе остане како традиција и наредните години, па тогаш би сакала и јавен повик да има за да се сплотиме заедно повеќе автори.
Според самиот наслов, дали песните содржани во збирката се тематски односно нивната содржина е поврзана со зима и снег или постојат и други мотиви во нив?
– Темата на творбите е зима. Секој автор требаше да напише песна на таа тема, но имаше потполна слобода да се изрази себеси според својот стил на пишување, па така во оваа книга има љубовни, среќни, тажни, детски песни, песни кои ја опеваат природата, кратки, долги, со или без рима.
Kaко може читателот да дојде до „Снежни стихови“, каде се продава книгата и кој стои зад нејзиното издавање (освен ти како иницијатор и останатите автори-учесници)?
– За издавање на оваа книга и за нејзиното печатење заслужна е печатницата Ирис принт од Струга. Книгата чини 200 денари и може да се купи преку мене лично, односно секој заинтересиран ќе може да ме контактира на мојата официјална фејсбук страница.Поезија на Софија во порака или да ми пише на мојот мејл [email protected] , а најважно што треба да се каже е тоа што сите парични средства од продажбата на книгата ќе бидат донирани во Дневниот центар за деца на улица во Скопје.
Во кои други поетски збирки имаш земено учество и кои се твоите други активности поврзани со поезијата (освен нејзиното пишување), дали сè уште објавуваш рецитации на јутјуб каналот?
– Како што ја споменав и погоре, книгата антологијата „Замрзнати поеми” е збирка песни, создадена како идеја од мене и од поетот Ришав Банерџи од Индија, па така во таа антологија има моја песна, а исто така мои песни може да се прочитаат и во антологиите: „Подпелистерски шепотења” и ,,Црно белиот бал на цвеќето на мирот”. Освен во овие книги, моите песни може да се читаат и на страницата Поезија на Софија на фејсбук, како и во мојата книга првенче „Поетски нежности”.
Во подготовка е збирка на песни за деца, како и две книги збирки на песни за возрасни, така што читателите наскоро ќе може да уживаат во уште три нови дела од мене. А во однос на мојот јутјуб канал, поради други професионални обврски малку стагнирав со објавувањето на рециталите, најново таму од мене е интервјуто од радио мост околу проектов, но се надевам дека во блиска иднина повторно ќе започнам со рецитирање.
Која е Софија во приватниот живот, со што се занимаваш во слободно време земајќи ги настрана твоите професионални обврски?
– Во слободно време уживам да читам книги, да слушам музика или да пишувам, да пијам кафе со пријателите, а особено уживам кога со син ми правиме некои креативни изработки, заедно учиме и откриваме нови нешта. Тоа ме исполнува и ме прави многу среќна.
Твоја главна инспирација за творење?
– Животот. Јас пишувам од животот за животот. Пишувам за љубовта во сите нејзини форми, пријателството, радоста, тагата, природата, празниците. Инспирација може да исцрпам дури и од едно зрно песок.
По кои нешта ќе ја помниш оваа 2021 година?
– По две нешта ќе ја запомнам 2021 година: созревање и отпуштање.
Кажи ни една мисла која ти звучи премногу мотивирачки и секој би требало да ја знае?
– Секојдневна афирмација за успешен живот: Секој ден, во секој поглед сè повеќе и повеќе напредувам. Сè е добро во мојот свет. Јас сум таму каде што сè е добро.
Што би сакала да ти се случи на професионален план во иднава година што е на прагот?
– Во однос на пишувањето книги би сакала сите овие книги кои ги имам подготвено да излезат во печат и читателите да уживаат во секој мој пишан збор, а во однос на мојата професија, мене Дедо Мраз би сакала да ми донесе вработување по струка оваа година. 😁
Дали е во план некое прозно дело кое би им го поклонила на читателите?
– Имам голема желба да напишам роман. И би сакала еден ден таа желба да ми се исполни. А инаку започнав со пишување на книга за деца која не е поезија, па можеби тука би биле почетоците на моите прозни дела во иднина.
Твојата порака за читателите на Крајбрежје?
– Читајте поезија, ширете љубов и само љубов, смејте се и не ги бројте годините во животот, туку животот во годините.
Од името на целиот тим на Софија ѝ посакуваме успех на приватно и професионално поле, а особено успех на овој хуманитарен проект кој е за поддршка.