Детето што зборува на сон – Влада Урошевиќ

Дете што зборува на сон, ноќе,
знае зборови што ги нема во ниеден речник.
Нашиот слух пред нив наполно без моќ е;
нашите знаења тука се само пречки.

Тоа се зборови – белутраци, зборови – грутки
што бескрајно време лежеле неизречени.
Тоа се ноќни зборови, зборови – утки
што од ветрот на сонот во собата се завлечени.

Тоа се зборови што доаѓаат од темнината.
Нивните облици се насетуваат потамина.
Нивната смисла е веќе некаде замината
а тие не се решаваат по неа да заминат.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели