Земјата е црна и студена – Петре М. Андреевски

Te гази земјата и озгора и оздола,
те отпетлува, те собува, те слекува,
те душка ко ласица, те демне ко лисица,
те пребарува, те премерува, те претерува,
ти ги превртува очите, ти ја истура живата
и очите ти ги полни со изгорениот оган,
со нивната последна пепел.
Сета празнина со празно ти ја продолжува.

Ти ја кине кожата, ти длаби во месата,
те раскопува, те разглобува, те расипува:
ти го урива крстот и лостот,
ти ја растура средината, целината,
те разотвора, ти изнесува, те разнесува.
Ти ги одвртува клиновите, прешлените,
ти ги кине копците, ти ги крши клучните коски
и ти ги фрла клучовите.
Ти ги турка чатмите и појасите,
ти ги корне ноктите, ти ги вади забите
(и песјаците и катниците и умниците)
ти ги крие и ти ги губи алатите.
Te води од cè подолу и подалеку
и cè e далеку од тебе.

Не знае да запре, да застане земјата,
ко лилјак, ко лишка ти влегува и во главата:
ти ги дупи непцата, ти ги затнува ушите,
ти ги зафаќа местата од пораките
и местата кај што ти врвеше храната
и радоста од пијалокот и дишењето,
од употребениот воздух.
Te бакнува кај што и јас те бакнував,
но нејзиниот бакнеж ти ги разјадува образите
и пат им отвора на мравите и семињата.

Земјата е црна и студена,
никому досега не му ce кажала инаку,
никого не остава, никој не ја оставил:
штом ќе станеш потежок од неа,
ќе ти тежи и твојата тежина.

 

 

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!