Кон романот: „Фото синтеза“ од Игор Анѓелков

„Кротки приказни“ (кратки раскази) и „Крај-пат“ (роман) се првите две дела од авторот Игор Анѓелков по кои следува романот „Фото синтеза“. После одлично напишаните осврти кон овој роман кои се наоѓаат во самата книга навистина тешка задача е да се напише исто толку добар текст. Пишувам во улога на читател чиишто импресии се спласнати после прочитувањето. Книгава ја завршив пред некои два месеца, но дури сега дојде моментот кога накратко ќе ви раскажам зошто „Фото синтеза“ ми се допаѓа и се наоѓа во листата со препораки за читање.

„Фото синтеза“ (под небо во боја на бамjи) е роман во роман за животот на еден млад дечко-панкер кој живее во Скопје и се обидува да заработи за живот со помош на фотографирање. Напоредно тој чита книга за тедсите од другиот роман чиишто случки не личат на неговото секојдневие, а нему му служат да избега од сивилото на градот. И не само сивилото туку него ќе го опседне и мрачна меланхолија којашто после немилиот настан со “зделката“ ќе го натера да го напушти местото на живеење. Тргнувајќи во поинаков свет со намера да побегне од градот кој веќе не го инспирира, со воз го започнува патувањето од каде што животот комплетно ќе му се измени.

Со запознавање на културата во новиот град, пешачењето до изнемоштеност за да се голтне секое ќоше од улиците кои го прават жив, до посета на културни настани и живеење до последен здив, панкерот полека, но сигурно стигнува до една точка од која нема назад. Случајните средби со девојката на која ѝ фрли око му се доволен показател дека мора да започне разговор со неа. Во налик на филмска сцена започнува нивното дружење, а кон каде ќе ги одведе нивната средбс, останува да прочитате и дознаете. Читливоста на романот оди како подмачкана и дефинитивно е од оние книги кои не сакаш да ги оставиш додека не дознаеш што ќе се случи следно.

Без многу оптеретувања со ликови, главниот акцент е ставен на психолошкиот аспект на главниот јунак чиишто авантури читателот ги доживува раскажани во прво лице. Така се добива впечаток како да се читаат извадоци од дневник, но структирирани во раскажувачка форма која е испреплетена со дијалози и прераскажани сцени склопени во една целина од која се добива „фото синтезата“. Но не синтеза како во ботаниката туку како спој на реченици, секвенци од сегашноста, минатото и иднината доживеани од главниот лик кои читателот ги восприма како “фото“ елементи во својата глава. Синтеза од фотографски елементи создадени во главата како резултат на поврзувањето на дејствијата во романот.

Авторот направил одлична „Фото синтеза“ на приказните прераскажани во неговото дело, ги склопил настаните како што се склопуваат деловите од фотоапаратот и со неколку илјадници чкрапнувања настанал книжевен “албум“, но не од фотографии туку од поглавја. Моја топла препорака за читлив, ненаметлив, едноставен роман, со моќен раскажувачи стил, кој се памети долго. После тоа сигурно ќе посакате да ги прочитате сите други негови дела.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!