Грозомор – Ацо Шопов

Тука се раѓаат сами и гаснат сите нешта,
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и маќеа зла и вешта.
Пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

Го пијат суши, дождови црни го цедат,
ден со ноќ го трупа, пласт со пласт,
а врз неговата кора во ‘рбетник се редат
закостенети сенки од диво месо и страст.

Тука ветришта пиштат и темни сеништа вијат,
тука е првиот злочин и грев и казна и прекор.
Тука и човек и ѕвер во едно дувло спијат
и детето го оди својот незаоден чекор.

Врз него расне лебот од горчлив длабок корен,
па затоа е сув, и сладок, и пече како пламен.
Песно, ако те допре некој испосник морен
прими го да ти биде во горењето рамен.

О ружо в грло, о змијогрозд в усни,
див апеж во крвта со себе што спори,
о земјо на отрови смртоносно вкусни,
каменот во пламен се тркала. Гори. Гори. Гори.

Тука се раѓаат сите нешта и тука гаснат сами.
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и мaќea што мами,
пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Инспирирана од скопскиот земјотрес (јули 1963), песната за првпат е објавена во Современост, XIV, 10, 1964, а потоа во Раѓање на зборот, 1966 и во Златен круг на времето, 1969

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели