Вкусот на ѕвездите – Влада Урошевиќ

Есенските ѕвезди имаат вкус на зелка
во која мразот веќе својот нож го боде.
Дивите гуски во трските се прпелкаат
место со сачма со нивните зрна погодени.

Ѕвездите зиме црна крв оставаат зад себе
и раните ги превиваат со искинат весник.
Со ноктите секоја од нив небото го гребе
како пес што е обземен од беснило.

Пролетните ѕвезди се како јајца од жаби,
слузави, млечни, со обвивка од лиги.
Нивниот сок каде што ќе падне длаби
и ги гризе буквите од отворените книги.

Само лете ѕвездите имаат вкус на пожар
и морето им ги држи клучевите како чирак.
Само лете тие оставаат лузни врз кожата
и низ галаксиите нашата крв ја шират.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!