Skip to content

Излезе од печат романот „Најосаменото место“ од Симеон Јанков

  • by

Со Симеон накратко поразговараме за романот „Најосаменото место“ во издание на Или-Или којшто излезе пред само неколку дена. Токму по тој повод ја имавме честа и можноста и му поставивме прашања. Одговорите прочитајте ги во продолжение.

Повод за нашиот разговор е излегувањето од печат на твојот најнов роман, а најпрво ќе те запрашаме за кратката содржина, кое е главното дејствие во него? 

– Романот е постмодернистичка ноар мистерија, со елементи на романса и психолошки трилер. Се работи за болен љубовен триаголник во кој, покрај безимениот наратор, учествуваат неговата сопруга Рената и неговата безмалку дваесет години мртва голема љубов, Изабела, чија смрт останува загадочна речиси до самиот крај. Нараторот и сопругата негова сѐ повеќе се заплеткуваат во таа бизарна љубовна приказна, чии корени, можеби да, можеби не, се многу подлабоки отколку што на прв поглед се чини. „Најосаменото место“ е роман за предавството, за манипулацијата, за разните аспекти на вистината, лагата и љубовта, смртта и животот.

Какви се тие нивоа на осаменост (според поднасловот на корицата), а какво е тоа подлабоко ниво на осаменост, како се опишува?

–  Осаменост, кога си во друштво, а сепак си сам, кога си со саканата, а таа е сама, осаменост што се провира низ траумите од детството, впрочем, и физичката загуба е форма на осаменост. Во врска со подлабоките нивоа на осаменост, еве една реченица од книгата: „Гледаа во мене, а не знаеја дека ме нема.“

Кога би требало да го опишеш романот со една реченица која би била таа?

– Со една реченица од книгата: „Како да лебдеа во празна соба без завеси, и во тоа имаше нешто безмалку сенишно.“

Зошто треба да го прочитаме „Најосаменото место“ и според тебе која е читателската публика за овој роман?

– Кој вели дека треба да го прочитате :)? Секако, сите читателки и читатели ми се подеднакво важни, а јас, како автор, ќе им бидам благодарен на сите што ќе ја прочитаат; најпосле, авторот треба да им биде безусловно благодарен на сите што ќе му посветат внимание, без разлика на тоа дали прочитаното им се допаднало или не, бидејќи, нели, му посветиле дел од своето време, никакви пари не може да го надоместат загубеното време. Тоа никако не значи дека ќе бидам неблагодарен кон оние што нема, и самиот сѐ уште немам прочитано некои книги од релативно помладите наши автори, кои се докажале и кај критиката и кај пошироката публика, и верувам дека ќе ми се допаднат кога конечно ќе се зафатам и со нив.

Со какви предизвици се соочуваше додека го создаваше ова твое најново книжевно остварување?

– Соочувањето со предизвици, иако честопати напорно, за мене, а верувам и за сите што пишуваат, е неопходно за дефинирање на книгата во текот на самиот процес на пишување; станува збор за решавањето дилеми во однос на самата содржина, пишувања, бришења, препрочитувања, пронаоѓање на стилските слабости, вметнувањето нови идеи и самоуредувањето во целост. На крајот, најважно беше мене да ми се допадне, не би можел да пишувам нешто што мене лично нема да ми се допадне.

Дали постои некое место со физичка локација каде што често знаеш да се осамиш?

–  Во смисла на место, не. Се осамувам кога медитирам.

Симеон Јанков

Како би ја опишал осаменоста, посебно онаа којашто не е поврзана со физичко отсуство на некој друг човек?

– Кога си жив, а заборавиле дека некогаш си постоел.

Кои се главните мотиви во романот „Најосаменото место?“

– Зближувањето и отуѓувањето, менувањето на зборовите и нивните значења во зависност од контекстот и временската рамка, повеќе перспективи на животот и смртта, на љубовта и заборавот.

Која порака до читателот ја испраќа оваа книга?

– Не биди дел од ничија смрт, ако му побегнеш на законот, минатото секако ќе те зграпчи.

Хипотетички, ако романот не го носеше ова име, кој друг наслов совршено би му прилегал?

– Кога почнав да го пишувам, првиот наслов беше просто „Изабела“. Првите осумдесетина страници од работната верзија се напишани под тој наслов. За мене лично, интересно е што со промената на насловот доаѓаат и нови идеи за проширување и продлабочување на приказната.

Твојата порака до читателите на Крајбрежје?

– Убаво да си поминат за празниците, и во годината што доаѓа да им се оствари она што го посакувале во оваа што заминува, ама немале среќа.

Ти благодарам, Наталија, за убавиот разговор.

Му благодариме на Симеон за искрените и интересни одговори, а лично јас ветувам дека јавувам импресии веднаш по прочиутвањето на книгата. Воедно од името на цел тим му посакуваме среќни празници што следат и многу успеси на сите полиња! 🙂

Напишете коментар