Skip to content

Возот наш – Билјана Трајковска

  • by

Се возев, не многу ама неколку пати надвор од Македонија со воз.
Чисти прозорци, чист под, тишина и знаете што?
Очи!
Еден куп очи со отсутен поглед!!!
Па во најубавиот воз наш ми текна,
никогаш не беше вака.
Фино, уште од влез се осеќа мирисот на топли ѓевреци и симит.
Најнормално беше да се јаде по пат.
Да, во секое купе си имаше ајде масички туку и пепелник-де лукс.
Возот наш:

Патници …
Добро е ако најдеш полупразно купе и веднаш,
како “тазе” влезен те меркаат од глава до пети.
– Чичето со шпиц пантолонии перфектно измазнета коса,
дали си валкан во чевлите или ти стрчи некој прамен.
– Бабата со шамија и еден куп платнени торби
поврзани со сиџим за да не ѝ се измешаат со туѓи.
На гости кога се оди се носи понада.
Слатко од капини,ајварче туршија.
А истото во книжни пакети им беше спаковано на
– студентите, оти немаше на секој чекор ниту брза храна ниту ресторани,
а богами и скапо ги чинеше ако јадат така.

Муабети…
Во возот наш сè ќе се научиш.
Нема бре молчење!
Ако си тргнал тажен – ќе се расположиш,
ако си тргнал осамен – ќе најдеш нови пријатели.
Ако си гладен – ќе се најадеш,
оти сите послужуваат храна на тој до себе.

Војникот…
Човек – карпа со бела лесно прекршена коса,
но прецизно исчешлана,
во црн, елегантен, класичен капут, безпрекорно чисти чевли.
Строг поглед.
И таквиве едвај чекаш да почнат да зборуваат
за да им ѕирнеш во душата од љубопитство,
што се крие зад овој совршен параван.
На свое изненадување – хумор и многу смеа.
Ја караше мајката со малото детенце да внимава на неговата килажа па ѝ објасни:
“Види ме де, види подобро, трева сум јадел, партизан бев.
Вие по ноќе настегај се па после сонував ова, сонував она.
Е така, ќе сонуваш кладенци кога мерка се нема!”

Кондуктерот…
– Деца карти !!!
А кој ако не се снајде македончето.
Таму имаше мудри луѓе во тие кондуктерите – Да!
“Децата”- студенти беа се научиле дека со некое средство за чистење,
лесно може да го избришат печатот на картата
и пак да ја користат оти печат со дата ставаше кондуктерот.
И тој таков – ем веќе ги познава ем наудрен се прави,
оти знае тој овие мангупи каде и зошто врват.
Дека му се идни лекари, архитекти ,
инжињери а можеби и негови идни колеги.
Ќе најде начин да ги посрамоти но од возот нема да ги симне.
Тој и сам знае што значи да
“Студираш дете”.

Мајка со деца…
-“Празно купе мамооо!!!”
На радоста и нема крај .
Каква среќа во детските очи!
Се штракаат веднаш масичките,
отвори – затвори, се проверува сè што има
во тој простор два на два,
што остави спомени од едно детство,
една младост, еден живот….
И потоа се спуштаат седиштата,
се местат завесите и уморните дечиња легнуваат
да спијат слатко, до нивната станица во нашиот воз.
Нашиот воз…

Напишете коментар