Бадник, Божиќ – предвесници на надежта и мирот – Ирена Блажеска Дончева

Бадник, Божиќ – предвесниците на убавите вести, силниот глас за доаѓањето на Синот Божји, вечниот спасител на овој свет доаѓаат спокојно без глас! Тие предвесници носат мир и љубов врзани во сечие срце, одведени во секој дом. Тие учат на добрина, тие учат на човечност, со нивното доаѓање, доаѓа и радоста, семејната атмосфера, мирисот на дом. Затоа се посебни, зашто мирисаат на семејство, на традиција која е потпрена на сечија душа. Полни трпези, тивко разгорено бадниково гранче и прегратки од целата фамилија, тоа е среќата. Среќата која доаѓа со поглед, со полно срце, со чиста рака, со силен ек. Затоа ги сакам овие празници, мирисаат на близината која одамна се изгуби, мирисаат на надеж.

Надеж да, силно мирисаат на надеж, зашто тука е, уште таа остана. Годината што помина нè научи на вредноста на утре, годинава што дојде да ѝ покажеме дека лекциите сме ги научиле и тестот ќе го положиме, ќе го положиме со подадена рака, со насмевка и поддршка. Само така ќе се заблагодариме на животот за секој благодет на таа трпеза, за секој благослов, за секој ден. Бадник и Божиќ нека направат да ја почувствувате убавата страна на животот, да ја почувствувате магијата на домот. Зошто среќата е бесплатна, потребно е само да ја пронајдете. Среќни празници, уште посреќни деновите што доаѓаат. Напишете ги страниците на оваа година со љубов и труд. Напишете ги со моливот на среќата.

Ирена Блажеска Дончева

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!