Skip to content

Божиќна песна – Лина Димоска

Да си најдеш некоја што дечиња ќе ти роди.
Со очи и насмевка како твоите.
Па да ти е мерак на Коледе да ги однесеш кај роднини
и ти со нив заедно коледарски песни да пееш,
а роднините торбите со костени и со ореви да ви ги наполнат,
да ве наградат за радосната вест што им ја носите.

Да си најдеш некоја со која секоја вечер
ќе ти биде ко бадниковата.
Топла.
Убава.
Спокојна.
Некоја што ќе ти спреми трпеза
на која едвај ќе чекаш да седнеш,
не оти многу вкусно е јадењето,
не оти таа многу се измачила,
ами оти едвај ќе чекаш да вечераш со неа.

Да си најдеш некоја што со топло кафе
или со жешка, блага ракија
во студеното божиќно утро ќе те разбуди.
Онака како што ти милуваш.
Па заедно да се дотерате
и по снежните замрзнати улици
в црква да ја однесеш.
Да ја стегаш малку посилно за рака
за да не се слизне на мразот
со штиклите што ги облекла.

Да си најдеш некоја што за Божиќ
месо во фурна ќе ти испече.
Со суви пиперки и со кромид.
Редот ко што е.
Што ќе направи руска и кифлички,
слатки тулумби или баклави
и роднините ќе ти ги собере на гости да ви дојдат.

Таква да си најдеш.
Некоја крај која не се старее.
Некоја полна со мерак за живот.
Некоја што ќе биде Месечина кога ти си сонце.
Некоја што ќе биде сонце ко ќе си ти Месечина.
Оти само кај жена со душа полна мерак млад се останува.
Да си најдеш некоја крај која и на старост млад ќе си останеш.

Напишете коментар