Skip to content

Георги Господинов – Hey Jude, 7`09“

Георги Господинов (роден на 7 јануари 1968 во Јамбол, Бугарија) – бугарски писател. Роден е на денешен ден.

Творештво

Творештвото на Господинов е разновидно и опфаќа: поезија, романи, раскази, драми и есеи.

Поезија

Во 1992 година, Господинов ја објавил збирката песни „Лапидариум“, за која ја добил Националната книжевна награда „Јужна пролет“ за дебитантско дело. Во 1996 година излегла неговата поетска збирка „Црешната на еден народ“ (Черешата на един народ) за која ја добил годишната награда за надобра книга на годината, доделена од Друштвото на бугарските писатели. Во овој период, тој се јавил и како коавтор на две книжевни мистификации: „Бугарска хрестоматија“ (Българска христоматия) од 1995 година и „Бугарска антологија (Българска антология: Нашата поезия от Герова насам), објавена во 1998 година.

Драми

Господинов е автор на неколку успешни драми. Во 2004 година, неговата драма „Д.Ж.“ (иницијалите на Дон Жуан) била прогласена за драма на годината во Бугарија, а таа била прикажана и во Франција и во Австрија. Во 2010 година се претставил со драмата „Апокалипсата доаѓа во шест попладне“ (Апокалипсисът идва в 6 вечерта), која се закитила со националната награда „Аскер“ за најдобар драмски текст во таа година. Европската театарска конвенција (ETC) ја одбрала меѓу 300 драми за престижниот меѓународен фестивал на драмски дела од млади писатели „Хот Инк“ (hotINK at the Lark), организиран од Њујоршкиот универзитет. Исто така, булгарското национално радио направило аудио-верзија од оваа претстава.

Пошироката слава, Господинов ја стекнал со романот „Природен роман“, преведен на околу 20 јазици. Голем успех стекнал и со збирката „И други приказни“ од 2001 година, која била преведена на осум јазици, како и со романот „Физика на тагата“, преведен на седум јазици. Американското издание на „И други приказни“ било номинирано за најголемата меѓународна награда за краток расказ „Френк О’ Конор“. Романот „Физика на тагата“ бил прогласен за роман на годината, за 2011/2012 година, во изборот на фондацијата „13 векови Бугарија“, а се закитил и со неколку други награди, како: националната награда „Христо Г. Данов“ за најдобро прозно дело во 2012 годинa.

Hey Jude, 7`09“

„Хеј Џуд“ е најдолгата бавна песна на светот и
ако за тоа време не успееш да легнеш една жена,
тогаш си најсмотаниот маж во вселената.
Гаустин, VI в одделение

Најдолгата песна што ја пуштавме
траеше точно толку: 7’09”.
7 минути и 9 секунди
со раце наелектризирани
од волната на нејзиниот пуловер.
7 минути и 9 секунди
за најблескавата приказна.
7 минути и 9 секунди
за свеста да ти се сврти
а вие,
а сепак вие
се вртите,
а сепак таа се врти
околу тебе,
а сепак се врти
7 минути и 9 секунди.

Никогаш потоа,
никогаш подоцна,
и воопшто никогаш
(но не знаеш тогаш)
нема да бидеш толку долго
вљубен во една жена.

Напишете коментар