Секоја темна ноќ има светол крај – Ангелина Василевска

Човечкиот живот се состои од радости и болки. И покрај сета негова убавина, секој човек во текот на своето постоење се соочува со многубројни страдања и искушенија.  Болките се неизбежен дел од секојдневното живеење. Многу често нè повредуваат, ментално и физички ни наштетуваат. Постојат моменти во животот во кои мислиме дека не можеме да издржиме, дека нашиот крај е во мигот во којшто најмногу страдаме. Чувствуваме дека немаме сила да се бориме.

Често се случува да се откажеме од некои работи, да ѝ се предадеме и да се препуштиме на нашата судбина.  Болките ни ја мачат душата, нè обесхрабруваат, нè натажуваат, нè разочаруваат. Честопати губиме надеж иако тоа никогаш не треба да си го дозволиме. Никогаш не треба да се доведеме во ситуација да ни згасне кандилцето кај срцето, бидејќи тоа е нашата душа, а токму човечката душа е од суштинско значење за нашето постоење и дејствување.

Болките нè уништуваат, ни предизвикуваат страдања, а ние на сите начини се обидуваме да се ослободиме од нив. Изнаоѓаме различни средства за да ги намалиме сопствените маки. Постојат денови и ноќи за кои мислиме дека едноставно тие не завршуваат, немаат крај, дека тие всушност се наше вечно страдање, наш душевен крај. Меѓутоа како што и старата народна поговорка гласи: „Во секое зло има и нешто добро“ или „Секое зло за добро е“, така навистина се случува и во реалноста.

Нештата што ни предизвикуваат болка нè прават посилни. Нè зацврстуваат, нè учат да живееме со нив. Додека пак со нашето трпение и надеж го надминуваме преживеаното. Токму затоа и во библијата стои: „Трпение – спасение“.

Имено, ниту една болка не е лесна, но човечкото суштество е најсилно на целиот свет, и тоа најчесто може сè да издржи и преброди. Токму затоа секоја болка има крај. Исто така на оваа тема може да се надоврзе уште една народна поговорка, а таа е: „После дождот доаѓа сонце“.  Односно после нашата преживеана болка, Господ ни дава убави работи. Нè наградува со нешто добро. Ни влева сила и надеж. Не исполнува со радост и среќа. Ни ја покажува светлината на животот. Ни дава до знаење дека животот е вреден за живеење. А токму тоа ни е потребно за да продолжиме и понатаму да се бориме, да ја дополниме смислата на нашето постоење.

Автор: психолог, Ангелина Василевска

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели