Skip to content

Сонетен венец (Вера, надеж, љубов) – Митра Дупчинова

  • by

I

Верувам во чуда…
Превезот на тишината и молкот многу болат.
Јас сум мртва меѓу живите…
Овој животен пат не го одбрав јас…

Иако стара со седи коси пишувам песни.
Нов венец плетам сал розови цветови од тебе имам.
Моите спектар од бои прават…
А природата студени кристални снегулки ми дари.

Не знам што животот тебе ти дал…
Дали ќе прочиташ нешто од мене?
Бунарот сеќавања преполн е…

Еве се излеала лава од слики стари.
Нека гори, нека изгори сè…
Еве судбината своето го направи…

II

Еве судбината своето го направи…
Ветерот дува мириси есенски лее.
Тој се разлеа и ме милува мене.
Жолти лисја тој несебично сее.

Есенски пелистерски ветер студен.
Чекори бавни низ корзото густо.
Погледи немо во една таква ноќ.
Запишаа почеток на една приказна.

Многу брзо ја заборави страста.
Посака ноќта темна пак да падне.
Во заносен танц блудно да паднеш.

Те сакав иако девојка млада.
Не заслужив да доживеам лаги…
Разочарана да сонувам со отворени очи.

III

Разочарана да сонувам со отворени очи
Две тела во прегратка нежна се свија.
Во љубовна или блудна страст.
Се посеа семе за еден живот мал.

Денови минуваа со радост и смеа.
Голите дрва се кршеа пред нас.
Говореа тивко да не чуе никој.
Овие двајца ќе ги снема за час.

Какво чувство имаа тие.
Те гледаа како и други шеташ.
И покрај нив исти приказни редиш.

Камо да можеа да говорат тие.
Би се развикале на цел глас.
А зарем не ти е ни малку жал…

IV

А зарем не ти е ни малку жал?
Ме направи среќна само за миг.
Еве сме покрај бадемот со розови цветови.
Опоен мирис насекаде се шири.

Не опијани мирисот нежен.
Се расплете венче од розови цветови.
Ги украси плавите долги коси.
Невешто ама го скрои по мерка.

Ме бакна нежно на студеното чело.
Снежната кралица си поигра со нас.
Се развеа насекаде снегулки бели.

Магија и белина внесе во венецот мој.
Ги измеша цветовите со снегулките ладни.
Не сакам тоа студенило во иднина да го сетам…

V

Не сакам тоа студенило во иднина да го сетам…
Се радував како дете.
Знам дека ме сакаше лудо.
Снегулките вееја нежно по нас.

Чекоревме споени топлина да сетиме ние.
Црвените образи ги топлевме со бакнежи врели.
Рацете ги триевме и дишевме во нив.
А сепак на мразот се лизгавме без здив.

Убавите времиња се забија во снегот.
Стапалките смрзнаа за час.
Ветерот ладен вееше низ нас.

Тогаш не знаев дека на двете ни студи.
Верата кон езерски води не носи.
А надежта и сонцето се борат да не стоплат.

VI

А надежта и сонцето се борат да не стоплат.
Ме понесоа двете во ливада цветна.
Цветови разнобојни собрав.
Ги милував и бакнував исто како тебе.

Свилени ги направив сите со свежи бои…
Прекрасен букет на слика се најде.
Со лимон и перо порака сокрив.
Тајна само моја вешто ја сокрив…

Денови многу не минаа чинам.
Сликата се свитка од топлина силна.
Тајната моја стана и твоја.

Те понесе среќа и радост знам.
Те сакам само тебе душо моја…
Душата моја остана гола без тајната света.

VII

Душата моја остана гола без тајната света.
Од првиот миг како да знаев.
Ти дојден од друг град
Мисијата ти беше учител да бидеш.

Ќе завршиш со учење и ќе си одиш.
А јас, останав во градот каде патник беше.
Минувач по улици туѓи за кратко време.
А потоа тивко те снема од нив…

Замина без збогум…
Пак ќе дојдам некој ден.
Јас те сакам не заборавај…

Ќе дојдам верувај во мене…
А јас осамена тажна денови многу броев.
Еднаш по многу време ќе посакаше да ме видиш.

VIII

Еднаш по многу време ќе посакаше да ме видиш.
Денови и ноќи со меќави.
Снегулките вееја без престан.
Ги завеа и замрзна сите патишта.

А студот го зеде данокот од кревкото тело.
Во железен кревет ме врза како мртва…
Жива во сонот, бладав за патот…
Ме оковаа жештините во собата мала.

Зарем за нова година мораше тоа да биде?
Зарем судбината си поигра со мене?
Зошто ме легна во време за среќа?

Зарем среќа не заслужив да сетам јас?
Сиромашката од крајот на градот…
Желба силна имав до тебе да бидам…

IX

Желба силна имав до тебе да бидам.
Не молчи, викај, кажи на цел глас.
Ќе можеш ли сиромашна да ме сакаш?
Обвиена во беда, студови, мразови…

Молкот јазикот ми го здрви.
Молчев од срам од сиромаштија бедна.
Три квадрати соба, дрвена маса со искината мушама.
Стар креденец лекови преполн…

Јас не заслужив шанса за спас.
Потонав од срам пред сестра ти и тебе.
Како во бедна соба да ве внесам јас, ми беше срам.

И сега се срамам за дамнешен час.
Снегови студени во коски се збиле.
Љубовта твоја зарем не ја заслужив јас?

X

Љубовта твоја зарем не ја заслужив јас?
Молкот во коски ми влезе.
Ме сакаше многу, а зошто се срамев…
А ти нем и без глас…

Го слушаше говорот на гладните волци.
Другарите те сакаа тебе или мене?
Знаеше ли дека како црви ползеа по мене?
Парата има опачина и лик…кое го гледаше…

Каде душата нивна ќе замине..
Во пеколот или во рајот…
Што си нахранија…?

Знаеше ли какви се тие?
Зошто превезот на молкот го одбра.
Уште тогаш тишината ја одбра.

XI

Уште тогаш тишината ја одбра.
Тогаш јас се поделив на две…
Едната умре и ги собра сите болки, спомени…
Сета вера, надеж, љубов, тајни…

Се товарив на другата да и тежам…
А таа чекореше низ животот со товарот од мене…
Го понесе бесот, пркосот, студот, молкот…
Молкум го прегрна првиот што ја посака.

Огновите не стивнуваа, а студот ја тресеше.
Часовникот чукаше длабоко во душата.
Миговите бегаа без престан.

Да се врати нема ништо, ако…
Уште тлее една искра мала…
Боли до срж, нема да преболи…

XII

Боли до срж, нема да преболи…
Живата од мене студот го прифати како казна.
Молчеше и тивко во ноќите сонуваше будна.
Не помина ноќ без твојот лик да го види.

Ниту пак сува перница една ноќ да има.
Црковна круна не ставив на глава.
Снегулки нежни тивко вееја и таа ноќ.
Тогаш за првпат ја прегрнав кристалната снегулка.

Колку ли личеше на мене…
А јас ја облеав со солзи…
Не беше од тебе…

Само моја беше во таа зимска ноќ.
Блаженство и среќа посакав тој миг…
Огромните снегови и студот ги собрав во мене.

XIII

Огромните снегови и студот ги собрав во мене.
Во душата вриеше копнежот врел.
Другата од мене ја влечам од дамнешен ден.
Делот од мене што за тебе умре…

Тој дише и како трн од ружа ме боди…
Верувај во чуда се случуваат знај…
Ќе го пуштам ветрот по езерски бранови да шепоти тивко.
Ќе може да ја слушнеш тагата од него.

Сестро на грбот сè повеќе ми тежиш.
Доста е веќе спушти се долу.
Надежта снегот и студот ќе ги стопи.

Двете на пат ќе отидеме баш таму…
Нè чека сенката дамнешна на брегот…
Верувам во чуда, ќе се случат знам….

XIV

Верувам во чуда, ќе се случат знам…
Не сакам и нема жива во мртвите да лежам.
Пред светецот да дојди тебе ќе те чекам.
Ќе те видам, ќе го слушнам твојот глас…

Не оставам сè прекриено со превез…
Нема повеќе мртва на другата да се влечам.
Ќе го фрлиме товарот и ќе бидеме една.
Бегајте мисли, јадови, болки, јас жива сакам да бидам.

Часовникот отчука години многу…
Верата не нé напушти двете.
Надежта ќе го донесе мигот со тебе.

Ќе дојдеш знам, ќе се споиме во едно за миг.
Случајно или намерно сеедно ќе те прегрнеме како една.
Верувам во чуда…

МАГИСТРАЛ

Верувам во чуда…
Еве судбината своето го направи.
Разочарана да сонувам со отворени очи.
А зарем не ти е ни малку жал…

Не сакам тоа студенило во иднина да го сетам…
А надежта и сонцето се борат да не стоплат.
Душата моја остана гола без тајната света.
Еднаш по многу време ќе посакаше да ме видиш.

Желба силна имав до тебе да бидам…
Љубовта твоја зарем не ја заслужив јас?
Уште тогаш тишината ја одбра.

Боли до срж, нема да преболи…
Огромните снегови и студот ги собрав во мене.
Верувам во чуда, ќе се случат знам…

Митра Дупчинова

Напишете коментар